Пуштена на домашно лекување е вработената во Општина Кочани која вчера беше повредена на седница на кочанскиот Совет, кога советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите и советник на ВМРО-ДПМНЕ прво влегоа во вербална конфронтација со меѓусебни сочни навреди, за Акиов да избувне и да замавне со пластично шише полно вода кон својот колега, кое што шише заврши во главата на вработена во општината. Повредената жена работи како правничка во општината и од ударот заврши во болница. „Направена ѝ е компјутерска томографија на главата со уреден наод, прегледана е од психијатар и пуштена е на домашно лекување“, изјави за „Слободен печат“ директорката на болницата во Кочани доктор Катерина Паниќ.
Срамната и недостоинствена сцена, недолична за општински советници беше регистрирана на камера, бидејќи дел од присутните советници со своите мобилни телефони ја овековечија. Единствено градоначалникот на Кочани Венко Крстевски се обиде да го спречи Акиов во неговиот залет физички да се пресмета со советникот на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна Крстевски наведе дека Кочани е сардисано од опструкции и на централно и на општинско ниво – не се гласаат клучни одлуки за општината да мрдне напред а нема согласност ни од Министерството за финансии да се вработат негувателки во градинката која е нова и чека да биде пуштена во употреба, а 150 деца се на листата на чекање.
Благодарение на овој инцидент вчера, не беше изгласана меѓуопштинската соработка меѓу Кочани и Струмица за општината Кочани да добие инспектори за заловување кучиња и за контролирање дивоградби. Во МВР е пријавено дека вчера околу 13 часот во полициска станица Кочани советникот В.А. од Кочани пријавил дека за време на одржување на седница на Советот, бил нападнат од колегата советник А.А., по претходно недоразбирање. Полицијата работи на расчистување на настанот. Политичките партии го искористија инцидентот да си поделат квалификации. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Акиов можел да се види во прегратките на Венко Филипче, СДСМ дека Акиов не е нивен член и се оградуваат од него и неговите дејствија во конкретниот случај, а од партијата на Акиов – Партијата за демократски просперитет на Ромите обвинија на долготрајна дискриминација и навреди кон нивниот сопартиец Аки Акиов од страна на советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов, за што, како што велат, веќе е поднесена кривична пријава до ОЈО Кочани.