Екс-директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, онкологот доктор Никола Васев предмалку беше спроведен во Апелациониот суд Скопје кој одржа јавна седница затоа што Обвинителството бара Васев и поранешниот економски директор на Онкологија Нехат Нухи да одат во ефективен притвор, а не во домашен. Седницата беше кратка, па Васев набрзо беше забележан како заминува од зградата на Апелација исто како и обвинителката Фатиме Фетаи застапник на барањето.

Фетаи изјави дека постои опасност Васев да бега и барањето за мерка притвор е за да биде обезбеден. Одбраната на Васев пак напомена дека Васев се појави на Анкетната комисија во Собранието за Онкологија, постојано соработува со органите и побара барањето да се отфрли.

Основниот кривичен суд им одреди мерка „куќен притвор“ на двајцата поранешни директори, а Обвинителството незадоволно од одлуката најави жалба пред Апелациониот суд. Што ќе реши Апелациониот суд, можно е да не биде соопштено денеска.

За предметот „Онкологија“, Основното јавно обвинилетсво поднесе две обвиненија со кои се опфатени двајцата поранешни директори на Клиниката и тројца доктори онколози. Покрај мерката домашен притвор, на Васев и на Нухи им се одземени патните исправи за да не можат да ја напуштат Македонија.

Првото обвинение што е поднесено до Основниот кривичен суд се однесува на економското работење на Клиниката за онкологија и опфаќа две лица. Првиот обвинет е поранешниот медицински директор на клиниката а вториот обвинет е поранешниот организациски директор на клиниката.
Тие се обвинети за продолжени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „измама во службата“ и „проневера во службата“.

Според Обвинителството, повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство во временски период од 2018 до 2022 година. Кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови постапувајќи спротивно на Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за буџетите, Законот за јавни набавки и спротивно на статутот на Клиниката за онкологија.

Со овие дејствија прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Македонија во износ од над 2,2 милијарди денари. Исто така, двајцата се обвинети за продолжено кривично дело „измама во службата“, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравство да изврши незаконска исплата. Така за добавувачите на лекови прибавиле значителна корист во износ од над 430 милиони денари. Обвинетите, во постапките за набавка на биолошката терапија, молекуларната таргет-терапија и моноклоналните антитела, набавувале лекови на реверс без да има правен основ за тоа.
Потоа, за да ги „покријат“ тие реверси спроведувале постапки за јавни набавки кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамките на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно добавените лекови, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација, обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку спроведување на јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија, обвинетите креирале противправни обврски на Фондот за здравствено осигурување кој бил доведен во заблуда – дека условниот буџет што го одобрува се однесува на законски креирани обврски а не за намирување противправно креирани обврски за лекови, рече обвинителката Гоговска.
Обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор Обвинителството го товари и дека извршил кривично дело „проневера во службата“ зашто набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па отккако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал односно не ги аплицирал на пациентите на чие име овие лекови биле требувани, па така има разлика меѓу требуваната и раздолжената количина на лекови во износ од 2 милиони денари.
Ова го констатираме кај 9 пациенти кај кои фиктивно се раздолжувани 5 различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста на издадените лекови од аптеката и примените лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и таблети „херцептин“, „авастин“, „ербитукс“, „фулвестрант“, „тразимера“, „кацајла“, „оксалиплатин“ „зелбораф“ и така натаму, за кои прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари, рече предметната обвинителка.
Второто обвинение што го поднело Обвинителството се однесува на третманот на пациентите и опфаќа 4 лекари онколози меѓу кои е и поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија. Тој, во соизвршителство со друг лекар од истиот оддел на кој работеле, се товари дека извршил продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување болни“. Другите двајца лекари се товарат за основното кривично дело „несовесно лекување болни“ и тоа сторено како продолжено кривично дело.