Обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор на судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес кажа дека е засрамен, се кае, цел живот ќе жали што бил изманипулиран од Љупчо Палевски-Палчо кому душата му ја дал на тацна, му верувал, а тој го измамил дека само ќе грабнуваат луѓе за пари, а всушност ги убивал, пренесе СДК.
„Бидејќи ме нарече лажго и сака да ми натовари вина дека јас сум ги убил Вања и Панче, еве ќе кажам дека лично тој ми се јави од турска граница и ми рече да му се јавам на Зоран Давитков од Народна банка, член на Десна. По израз на Палевски, ми рече да му се јавам на З. Д. ‘пакетот’ да го отстрани откај него, да го фрли и уништи. Да не може да се најде. После тоа морав да го известам дека сум се јавил и сум пренел порака. Лажев за него, иако го има на камерите“, кажа Манев за ранецот со оружјето, што во разговор со тогаш избеганиот Палевски го нарекувале пакет.
„Човекот кому толку многу му помогнав, ме измами. Испаднав голема наивна будала која си го зацрни животот и си ги изгуби пријателите, не само во Македонија“, рече Манев.