ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ СО ВИСОКО ЈАВНО ЗНАЧЕЊЕ
Почитувани граѓани и пријатели,
Додека престојувам во Брисел и се залагам за достоинството на македонската Кауза, во исто време, добивам закани по животот на моите деца. Веќе два месеци сум изложен на сериозни и повторливи закани — не само кон мене лично, туку и кон животот на целото семејство.
Дополнително, сведоци сме на интензивна злоупотреба на мојот идентитет преку лажни профили на социјалните мрежи, кои испраќаат закани и навредливи пораки до вас, користејќи го моето име. Сакам јасно да потенцирам: тоа не сум јас!
Станува збор за организирана и политички мотивирана банда, која со години се храни од странски фондови – најпрвин преку УСАИД, а сега преку одредени ЕУ програми. Тие создадоа инфраструктура на лажни профили, бот-центри и псевдо-медиуми, со цел да шират дезинформации, да поттикнуваат омраза и да извршат институционален удар.
Зад овие закани, со сериозни индиции, се сомневам дека стојат структури на т.н. “шарена комуна”, добро вмрежени со поединци од дипломатски кругови во Скопје. Ова не е само личен напад – ова е напад врз вистината, реформите и правдата!
Во овој контекст, Ве информирам дека надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство – веќе имаат отворени постапки, и ме известија дека се идентификувани кривични дела:
• Злоупотреба на лични податоци (член 149 од Кривичниот законик),
• Загрозување на сигурноста (член 144, став 5 од Кривичниот законик).
Овие дела се гонат по службена должност и се надевам, истрагата е во напредна фаза.
Ве повикувам на разбирање, трпение и внимание. Знам дека многумина сте вознемирени, особено кога гледате профили кои носат ваше име или моето, и шират омраза. Јас лично не замерувам никому – напротив, знам дека профилите со ваш идентитет, а кои испраќаат закани до мојата сопруга и деца, се лажни и не стоите вие зад нив. Имаме заедничка цел и заеднички непријател.
Македонија ќе победи! Тие што ја цицаа државата одвнатре и ја клеветеа во странство, се преплашени. Ние нема да отстапиме.
Ќе се избориме. И ќе победиме.
За децата. За правдата. За Македонија!