Исланд повторно е прогласена за најбезбедна земја во светот, но нивото на глобален мир се влоши од лани, според најновиот Глобален индекс на мир. Индексот за 2025 година, објавен од Институтот за економија и мир (IEP), открива дека светот е во процес на „фундаментално преобликување на глобалниот поредок“, како што заклучија истражувачите.
Тие евидентираат 59 активни конфликти, најмногу од крајот на Втората светска војна, при што 100 земји се помалку безбедни отколку што беа пред една деценија.
Земјите се рангирани врз основа на внатрешни индикатори за мир, како што се нивото на насилен криминал, бројот на убиства и насилни демонстрации, и надворешни индикатори за мир, како што се воените трошоци, нуклеарното оружје и односите со соседните земји.Исланд е повторно на врвот на рангирањето како најмирна земја во светот во 2025 година, титула што ја држи од 2008 година. Ирска го зазема второто место, Нов Зеланд е трет, потоа Австрија и Швајцарија. Сингапур, Португалија, Данска, Словенија и Финска исто така влегуваат во првите 10.
И додека Словенија влезе во првите 10 најмирни, Македонија е на 51 место. Србија е рангирана најлошо од земјите од поранешна Југославија – го дели 64-тото место со Замбија. Хрватска е на 19-то место; Црна Гора на 34-то; Босна и Херцеговина на 59-то. И сите се означени со зелена боја, освен Србија, која влегува во „жолта“.
Русија е оценета како најмалку мирна земја во светот, додека Украина, Судан, Демократска Република Конго и Јемен ја „следат“ во петте најпроблематични земји.
Западна и Централна Европа е најмирниот регион во светот, но истражувачите предупредуваат дека „европската безбедносна средина е во процес на длабока трансформација“.
„Руската закана е реална и ниедна европска земја не може да се приближи до воените капацитети на Русија“, забележуваат тие.
Регионот на Блискиот Исток и Северна Африка останува најмалку мирен регион во светот во 2025 година. Во меѓувреме, подсахарска Африка има најмногу земји во конфликт, при што 35 од 43 земји се вклучени во конфликт во последните пет години.Според ИЕП, Кашмир, Јужен Судан, Етиопија и Еритреја, Демократска Република Конго и Сирија се регионите со најголем ризик од влегување во голема војна.Бројот на земји за кои се смета дека имаат „глобално влијание“ исто така се зголеми, при што 34 земји се сметаат дека имаат „значајно геополитичко влијание“ во најмалку една друга земја. Тоа е огромно зголемување од крајот на Студената војна, кога се сметаше дека само 13 земји имаат толку големо влијание.
Кина го забележа најголемиот пораст на влијанието од Студената војна, но Саудиска Арабија, Турција, Индија, ОАЕ, Израел, Јужна Африка, Бразил и Индонезија беа исто така признати како „влијателни регионални сили“.„Концептот на „вечни војни“ е пореален од кога било во историјата“, вели Стив Килелеа, основач и извршен претседател на ИЕП.
„Овогодинешниот Глобален индекс на мир покажува дека светот е на критична пресвртница. Ова е предизвикано од подемот на силите од средно ниво, конкуренцијата меѓу големите сили и неодржливите нивоа на долгови во најкревките земји во светот. Сето ова води кон фундаментално реструктуирање и можна пресвртница кон нов меѓународен поредок, чија природа сè уште не може да се разбере“.