„Пристигната е првата пратка креми за санација на изгорениците, а половина од кремите се веќе во одморалиштето во Пониква каде што ќе се лечат повредените во дискотеката „Пулс“ “ ,најави денеска директорката на кочанската болница д-р Катерина Паниќ – Мирчовска на прес-конференција во Владата.
Д-р Катерина Паниќ-Мирчовска најави дека се пристигнати и цика кер лепенките.
„Првата тура која што пристигна брои 95 лепенки, и динамиката на достава на лепенките ќе биде во зависност од достапноста на добавувачот. Се прават напори, но бидејќи се работи за големи количини, динамиката на набавката ќе се одвива на неделна база“, информираше директорката на кочанската болница.
Исто така Паниќ-Мирчовска информираше дека на педесет и осум повредени им била дадена компресивна облека, и по нивното носеќе веќе се видливи позитивни промени на самите изгореници.
Таа рече дека компресивната облека им дозволува да можат да ги извршуваат вежбите на физикална медицина, овозможува да се вршат секојдневни активности, а додаде и дека тоа е дополнителна заштита и од сончева светлина, бидејќи тие користат заштитен фактор 30 во самиот материјал од што се изработени.