Портпаролката на Владата, Марија Митева истакна дека Владата активно вложува во здравствената инфраструктура во Кочани, со цел создавање на подобри услови за лекување и рехабилитација на пациентите.Педесет и осум лица повредени во трагичниот пожар што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани веќе носат компресивна облека и покажуваат видливи позитивни промени на лузните, информираше денеска директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Папиќ-Мирчовска.
– Компресивната облека пациентите ќе треба да ја носат најмалку две години. Таа се менува според медицински препораки и овозможува вршење на секојдневни активности, вклучително и физикална терапија. Има заштитен фактор 30 – изјави директорката.Дополнително, уште 14 пациенти се во процес на земање мерки за ваква облека. Во болницата веќе пристигнаа и специјални креми и 95 лепенки за третман на изгореници, а динамиката на набавка ќе зависи од достапноста кај добавувачите.
Според последните податоци, во пожарот загинаа 62 лица, околу 200 беа повредени, а уште 10 лица и понатаму се на болничко лекување – по петмина во македонски и странски здравствени центри.
Во насока на понатамошно лекување, веќе се потпишани договори со ГОБ „8 Септември“, од каде ќе доаѓаат пулмолози за редовни прегледи во кочанската болница. Ќе се прават и списоци за контролни прегледи на повредените пациенти.
Директорката Папиќ-Мирчовска информираше и за примената на ПРП терапија – иновативна метода што користи плазма од сопствената крв на пациентот за забрзување на заздравувањето на кожата.
– Десет лица беа третирани со ПРП терапија од страна на тим од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, додека претходно девет пациенти беа третирани од Клиниката за пластична хирургија во Скопје – потсети таа.
Таа најави дека сите пациенти кои ќе продолжат со оваа метода ќе бидат навремено телефонски информирани за терминот на прием во болницата во Кочани.
Во координација со Министерството за образование и наука (МОН), предвидени се и посети на учениците повредени во пожарот кои сѐ уште се во средно образование, со цел да се најде соодветно решение за нивното редовно школување.
Инаку портпаролката на Владата, Марија Митева истакна дека Владата активно вложува во здравствената инфраструктура во Кочани, со цел создавање на подобри услови за лекување и рехабилитација на пациентите.
– Во моментов се одвива реконструкција на просторот за физикална медицина во Кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри. Очекуваме работите да завршат во следните три до четири недели – истакна Митева.
Според неа, реконструкцијата опфаќа поставување на нови прозорци, целосно нова електрична, водоводна и канализациона мрежа, како и хидроизолација на објектот. Ќе се обнови и подот, ќе се постават нови врати, а се работи и на вертикалната инсталација која ги поврзува одделенијата хирургија, гинекологија и неврологија.
– Особено важно е што по долги години се оспособува хидрантската мрежа која беше нефункционална, а се поставува и нов противпожарен систем – неопходен елемент за безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал – нагласи портпаролката.
Митева истакна дека не станува збор за обична реконструкција, туку за системска грижа.
– Ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа. Денес вложуваме во инфраструктурата, безбедноста и достапноста на здравствениот систем – рече портпаролката.
Дополнително, таа информираше дека веќе утре ќе почне приемот на пациенти во одморалиштето Пониква, каде се преземени низа активности за подобрување на условите.
– Министерството за спорт ги опреми двете игралишта за рекреација, поставени се комарници и спроведена е комплетна дезинфекција и дератизација во соработка со Центарот за јавно здравје Кочани – додаде Митева.На крајот, таа порача дека Кочани останува приоритет.
– Граѓаните имаат право на современи услови, а институциите имаат обврска истите да ги обезбедат. Она што денес го гледаме е уште една потврда за нашата посветеност – рече Митева.