Министерот за правда Игор Филков, во интервју за МИА вели дека Законот за судскиот совет е во завршна фаза и очекува да биде усвоен до крајот на месецот. Министерот го интервјуто го критикува Судскиот совет, за кого изјавува дека „досега бил премногу глув за скандали и молчел кога требало да се дејствува“. Во законот според него се воведуваат строги критериуми за избор на судија и за негово разрешување, обврска за транспарентност, контрола на интегритетот и механизми за лична одговорност. Според Филков, со Законот ќе се воведе објективно оценување на работата на судскиот совет.
-Нема веќе „не знаев“, нема веќе „немав ингеренции“. Ќе има име и презиме за секоја одлука, вели тој. Што се однесува до обвинителството, Филков уверува дека тоа повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување.
– Новиот закон ќе обезбеди отчетност, засилена контрола од јавноста, како и рамнотежа меѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство што калкулира, туку што постапува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон, внимателно ги вградивме речиси сите клучни забелешки од Оценската мисија, изјави Филков за МИА. До крајот на годината тој најавува нов Кривичен Законик усогласен со стандардите на ЕУ, со јасни и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал.