Иран нема да продолжи да води разговори за нуклеарната програма додека е под напад, објави Би-Би-Си. Ова доаѓа неколку часови откако Министерот за одбрана на Израел предупреди за „пролонгиран“ конфликт со Исламската Република. Министерот за надворешни работи Абас Арагчи се сретна со европски дипломати во Женева. Тие побараа од него да ги заживее дипломатските напори со САД за нуклеарната програма на Иран. Неговиот израелски колега Ејал Замир во видео-обраќање рече дека неговата држава треба да се спреми за „продолжена кампања“ и предупреди дека „следуваат тешки денови“. Нападите ноќеска продолжија со засилен интензитет. Иранскиот нуклеарен објект Исфахан беше цел на Израел, објавија денеска иранските медиуми, посочувајќи дека немало истекување на опасни материјали. Експлозиите се слушнаа и блиску до Тел Авив каде зграда беше запалена. Арагчи рече дека Иран ќе биде спремен за дипломатија, само откако ќе сопре „израелската агресија“. Тој инсистира дека нуклеарната програма на Иран е мирна, додавајќи дека Израел ги прекршил меѓународните закони со нападите врз Иран.
-Иран ќе продолжи да ги применува своите права на самоодбрана. Сакам да ставам до знаење и тоа кристално јасно, дека иранските одбранбени капацитети не се предмет на преговори, рече Арагчи. Амбасадорот на Израел во ОН го обвини Иран за „агенда на геноцид“, додавајќи дека Израел нема да сопре да таргетира нуклеарни објекти додека не бидат „уништени“. Претседателот на САД Доналд Трамп му даде „максимум“ од 2 недели на Иран за да избегне можни американски воздушни напади, сугерирајќи дека би можел да спроведе акција пред овој 14-дневен „краен рок“ кој го даде во четвртокот.
-Им давам рок, и би рекол дека 2 недели е максимумот, рече Трамп пред новинарите. Според тоа што го кажа Трамп, целта е да се види „дали луѓето ќе си дојдат на себе“.
-Иран не сака да разговара со Европа. Тие сакаат да разговараат со нас. Европа нема да може да им помогне во ова, рече Трамп. Секретарот на Обединетото Кралство Дејвид Лами изјави дека САД обезбедиле „краток рок“ за да се разреши кризата на Блискиот Исток, што е „смртно сериозна ситуација“. Министерот за надворешни работи на Франција Жан Ноел Барот изјави дека министрите го поканиле иранскиот министер да земе предвид преговори со сите страни, вклучително и со САД, без да чека да прекинат нападите. Барот додаде дека „не може да има дефинитивно решение за иранскиот нуклеарен проблем преку воени методи“ и предупреди дека е „опасно да се посакува да се постави нов режим во Иран“. Израел вчера беше погоден од нова рунда ирански напади, 20 цели беа погодени во израелскиот град Хаифа. Една жена почина од срцев удар, што го искачи билансот на починати во Израел од почетокот на конфликтот на 25. Изминатата неделеа израелските ракети уништија ирански воени објекти и оружје, а убиени беа и врховни воени командири и нуклеарни научници. Според иранското Министерство за здравство, најмалку 224 луѓе биле убиени, а според групите за човекови права оваа бројка е 639 до четвртокот. Иран истрела стотици балистички ракети кон Израел како одговор на воздушните напади.