Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денес оствари официјална посета на Општина Крива Паланка како дел од иницијативата за информирање на јавноста која има за цел да ја доближи ЕУ и процесот на интеграција на земјата до локалните граѓани.Посетата започна со средби меѓу амбасадорот Рокас и градоначалникот Сашко Митовски,а подоцна амбасадорот се сретна со општинскиот совет. На средбите се дискутираше за придобивките од пристапување во ЕУ и конкретното влијание на помошта од ЕУ врз секојдневниот живот на граѓаните од регионот.
Градоначалникот Митовски се заблагодари за сите досегашни проекти на територијата на Општина Крива Паланка финансирани од ЕУ, по кои општината е препознатлива и важи за лидер во државата во искористување на ЕУ-фондовите. Митовски посочи дека Крива Паланка има капацитет за подготовка и имплементација на ЕУ проекти, активно учествува на сите достапни програми од ИПА програмата за прекугранична соработка, со Косово, Бугарија и Србија, а само во 2025 општината работи активно на 6 прекугранични проекти.
– Крива Паланка е лидер во државата во искористување на средства од ЕУ фондовите со реализирани над 20 проекти – почнувајќи од ФАРЕ-КАРТС програмата, преку разни компоненти на ИПА и ИНТЕРЕГ програмите, со кои во општината се инвестирани над 4 милиони евра. Само во овој момент со проектите што се потпишани и се во фаза на реализација во Крива Паланка добива над 1 милион евра од граѓаните на Европската унија, за што уште еднаш ќе упатам благодарност до амбасадорот Рокас.Високиот број проекти е доказ дека општината има капацитет да ги ползува придобивките од помошта на ЕУ и овие значајни средства директно се инвестираат и влијаат врз подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, изјави Митовски.
Еден таков проект, рече, на кој особено е горд, е проектот ПАРКОВИ ( PАRKS ) со кој Крива Паланка добива нов, урбан зелен парк на површина од над 2000 метри квадратни. Уредена е локација – нова зелена оаза во градот, каде граѓаните од разни генерации ќе имаат можност да поминат квалитетно време, младите да се радуваат и да уживаат.
Евроамбасадорот Рокас ја потенцираше важноста на доброто управување на ЕУ проектите во Крива Паланка.