Предложената регулатива на Европската комисија за постепено прекинување на увозот на руски гас во Европската унија се однесува само на членовите на тој блок, а не на трети земји, што значи дека Србија ќе може да увезува руски гас, но дека тој не смее да заврши во Унгарија, изјави портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен.
Итконен им изјави на новинарите дека рускиот гас наменет за трети земји не е опфатен со предложената регулатива, за разлика од рускиот гас наменет за членките на ЕУ, објави Бета.
„Регулативата не се однесува на Србија, таа може да увезува руски гас за свои потреби. Но, ако тој руски гас продолжи да патува од Србија до Унгарија, регулативата почнува да се применува и унгарските царински власти мора да проверат дали гасот што доаѓа од Србија е од руско потекло или не“, рече Итконен.
На 17 јуни, Европската комисија предложи регулатива со која ќе се забрани увозот на руски гас според нови договори од 1 јануари 2026 година, додека увозот на гас според тековните краткорочни договори ќе биде суспендиран до 17 јуни 2026 година.
Како отстапка кон Унгарија и Словачка, Комисијата предложи увозот на гас испорачан преку цевковод до земјите без излез на море, како и увозот според тековните долгорочни договори, да биде запрен до крајот на 2027 година.Белград со децении има долгорочни договори за снабдување со природен гас со Москва. Најновиот беше постигнат во средината на руската инвазија на Украина, во мај 2022 година. За него се согласија српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин. Гасот е еден од клучните аргументи на официјален Белград за тоа што Србија не се приклучува кон западните санкции против Москва откако Русија започна инвазија на Украина.