„Дали акциската контрола е спроведена законски, дали светлата биле запалени, дали музиката беше стопирана, дали службените лица од МВР кои беа таму и видоа дека настанува пожар воспоставија коридор и ги насочија нашите деца во темницата и чадот полека да го напуштат објектот? Дали најпрвин не ги пуштале да излезат, за потоа кога огнот се повеќе беснеел и се создаде толпа од деца кои сакаат да излезат надвор, полицајците ја отвориле вратата и први пред децата трчаа кон излезот да се спасат? Дали се утврдени неправилности и одговорности во кои работеле, дали сите тие лица вработени во МВР кои беа во акциска контрола се повикани на распит и се осомничени? Бараме одговорност од МВР и средба со ОЈО ГОК“, рекоа родителите
Протестниот марш продолжи кон Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани каде родителите побараа одговори – зошто и покрај нивните укажувања, во обвинителниот акт не се вклучени и лица од Управата за јавни приходи (УЈП) кои, според нив, иако знаеле дека е блокирана сметката на фирмата сопственик на дискотеката, дозволиле таа да продолжи со работа.
„Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември УЈП требало да постапи, а клубот ‘Пулс’ требало да биде затворен. Сепак, тој продолжил да работи и 62 животи беа изгубени и тоа не се технички грешки, туку системски прашања до истражителите во Јавното обвинителство. Дали е точно дека УЈП не постапила по своја законска обврска, кој бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некогаш даночен инспектор низ годините направил каква било контрола во објектот, освен онаа која се споменува во декември 2024 година и дали инспекторката за економски криминал од МВР ги има проверено сите овие нерегуларности“, прашаа родителите пред Јавното обвинителство.
Родителите сметаат дека институциите ги знаеле нерегуларностите во „Пулс“ пред да се случи пожарот. Нагласија дека трагедијата не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти. Побараа секој пропуст да се идентификува и секој виновник да биде повикан на одговорност, со што државата ќе покаже дека законот важи за сите.