Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европската унија да ја тргне од дневниот ред предложената забрана за увоз на руски гас, поради очекуваното зголемување на цената на енергијата по американското бомбардирање на Иран.
„Мораме да се бориме со натамошното зголемување на цените на енергијата. Ова е сериозна закана. Затоа мораме да ги отстраниме бриселските регулативи и забраните за руската енергија. Имаме доволно проблеми со оглед на негативното влијание на иранско-израелската војна за цените на енергијата“, рече Орбан во видеото објавено на Фејсбук, по неговиот состанок со унгарскиот совет за одбрана, пренесува Ројтерс.
Во вторникот, Европската комисија предложи правно обврзувачка забрана за увоз на руски гас и течен природен гас во ЕУ до крајот на 2027 година, користејќи законски мерки за да не може планот да биде блокиран од членките на ЕУ, Унгарија и Словачка. ЕУ досега воведе санкции за најголемиот дел од увозот на руска нафта, но не и за гас, поради противењето на Словачка и Унгарија, кои одржуваат блиски врски со Москва.