Според објавените индекси на ценовно ниво, највисоки трошоци за финална потрошувачка на домаќинствата се забележани во Данска, каде што цените беа дури 43 проценти над просекот на Европската Унија, објави Каматица. Веднаш зад Данска се Ирска со 138 проценти и Луксембург со 133 проценти во споредба со европскиот просек. Од друга страна, најниски цени се забележани во Бугарија (60% од просекот), Романија (64%) и Полска (72%). Овие податоци јасно укажуваат на големи разлики во трошоците за живот во рамките на ЕУ. Најголеми разлики во цените се забележани кога станува збор за алкохолот и тутунот.
Ирска е убедливо најскапата земја во таа категорија – цените беа дури 205 проценти повисоки од европскиот просек. Ова значи дека цените на алкохолот и тутунот во Ирска се три пати повисоки отколку во Бугарија, која е најевтина со 69 проценти од просекот на ЕУ. Високи цени се забележани и во Финска и Франција. Покрај Бугарија, Полска и Словачка имаа најниски износи во оваа категорија, обете со просек од 83 проценти. Ваквите разлики се првенствено резултат на различните даночни политики – особено високите акцизи што одредени земји ги воведуваат за овие производи.
Ресторани и хотели се следната категорија со големи разлики во цените. Најскапи се Данска (148 проценти од просекот на ЕУ), Ирска (129%) и Финска (127%). Најевтини се Бугарија (53%), Романија (69%) и Унгарија (72%). Кога станува збор за облеката, Данска повторно се издвојува како најскапа со 133 проценти од просекот на ЕУ, додека Шведска и Финска се веднаш зад нив, обете со 120 проценти. Најниски цени за облека се забележани во Бугарија (79%), Унгарија и Романија (обете по 85%). Разлики во цените се присутни и за основните прехранбени производи и безалкохолните пијалоци. Износите издвоени за храна се највисоки во Луксембург – 125 проценти од просекот на ЕУ, додека тие се најниски во Романија – само 76 проценти. Кога станува збор за лични возила (автомобили, мотоцикли), цените исто така варираат од 89 проценти во Словачка до 120 во Данска. Во областа на потрошувачката електроника (како што се телевизори, компјутери, телефони), најевтина е Италија (89 проценти), а најскапа е Финска (115 проценти).