Левица обвини дека целиот Пелагониски регион пет месеци бил оставен без можност за полагање на возачки испити и тоа не поради техничка или административна причина, туку, како што велат, поради намерно пролонгирање на изборот на оператор, со цел Министерството за внатрешни работи да му ја додели лиценцата на штотуку формирана фирма поврзана со функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Новиот оператор – „Супер возач“ ДОО Битола, фирма регистрирана во август 2024 година, три месеци пред да се распише првиот оглас, ја доби лиценцата за спроведување на возачки испити. Сопственик на „Супер возач“ е компанијата „Стрит Рајд“ ДОО Кичево, основана само неколку дена пред тоа. Двете компании се под целосна контрола на Филип Митрески, советник во Советот на Општина Кичево од ДПМНЕ, активен член и апологет на партијата“ велат од Левица. Од партијата додаваат дека стариот оператор, досегашниот испитен центар СИЦ АМ ДООЕЛ Битола, кој со години ја извршувал оваа дејност, бил одбиен од МВР без образложение.
„Иако СИЦ АМ се пријавил и на првиот и на повторениот конкурс, иако ги исполнувал сите услови, лиценцата не му беше обновена. Наместо тоа, МВР го поништило првиот конкурс, па распишало втор, за фирмата на ДПМНЕ да ја доуреди документацијата. Јасно е дека процесот бил манипулиран за да му се овозможи време на новоформираниот „Супер возач“ да се подготви и да го добие конкурсот“ посочуваат од партијата. Оттаму наведуваат дека само во пелагонискиот регион годишно се реализираат околу 10.000 тестирања, со просечен трошок од 42.000 денари по кандидат, што ја прави оваа дејност исклучително профитабилна. Од Левица обвинуваат дека овој случај е само уште еден во низата скандалозни договори во МВР под раководство на Панче Тошковски.