Невеста е убиена на нејзината свадбена свеченост во село во близина на југоисточниот француски град Авињон, откако маскирани вооружени напаѓачи отвориле оган, соопштија локалните власти. Еден од осомничените напаѓачи, исто така, е убиен во, како што изгледа, размена на истрели, додека младоженецот и 13-годишното дете биле тешко повредени во инцидентот во селото Гулт. Во тек е потера во која учествуваат десетици полицајци и хеликоптер по непознат број осомничени кои успеале да побегнат. Француските медиуми јавуваат дека насилството може да биде поврзано со пресметки поради трговија со дрога. Властите отворија истрага за убиство и обид за убиство.
Во неделата околу 4:30 часот, невестата (27) и младоженецот (25) излегувале од свадбена свеченост во селската сала кога непознати напаѓачи отвориле оган, објави новинската агенција АФП. Првичните извештаи сугерираа дека еден од напаѓачите ја прегазил двојката со автомобил, но обвинителката од Авињон, Флоренс Галтје, рече дека осомничениот бил застрелан „во размена“. Преживеаните напаѓачи, кои пристигнале со автомобил, по пукањето побегнале пеш, изјави обвинителот. Во моментот на нападот во салата биле присутни вкупно 28 лица, соопшти полицијата. Во инцидентот полесно е повредена и една жена. Салата беше резервирана во март „за свадба на луѓе кои не живеат во оваа општина“, рече локалниот градоначалник Дидие Перело.
„Огорчен сум“, додаде тој. „Ние сме блиску до градови, нема да ги именувам, каде за жал досега сме виделе вакви работи. Гијом Молинас, 50-годишен сопственик на ресторан, рече дека стравува дека смртоносниот напад би можел да донесе лошо име во селото со околу 1.000 жители. „Последниот голем инцидент во селото се случи пред 125 години“, изјави тој за АФП, без да даде детали.