Пратеникот Митко Трајчулески го повика СДСМ на обединување пред локалните избори , а поранешниот организациски секретар на опозициската партија побара и поголема енергичност од своите сопартијци во статусот што посебно го издвои на социјалните мрежи.
„Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ неодоливо потсетува на политичките околности во периодот 1998-1999. Христијан Мицкоски чекаше 7 години да стане премиер. ВМРО-ДПМНЕ имаше 7 години време да се подготви и да покаже реални перфоманси со извршната власт.
Наместо резултати, во изминативе 12 месеци сме сведоци на бесконечни оправдувања зошто актуелната Влада не ја бива. Митот за владејачка ефикасност на ВМРО-ДПМНЕ се сруши како кула од карти.
Но, не можеме да ги критикуваме нашите политички противници, ако не сме објективни и самокритични. Каде грешиме?
Зошто претстојните локални избори не можат за овој СДСМ да бидат исто што и претседателските избори во 1999 за тогашниот СДСМ? Дали сме премногу млаки?
Зошто не сме обединети и зошто не емитираме енергија на одлучност за бескомпромисна борба за идеалите во кои мора да продолжиме да веруваме?
Борбата за иднината на Македонија зависи од кондицијата на СДСМ. Ние немаме право на нови грешки. Го плаќаме данокот за грешките додека бевме власт, ама го немаме луксузот да правиме грешки и во опозиција!Затоа, локалните избори за СДСМ не се само борба за тоа кој ќе раководи со мнозинството општини наредните 4 години. Ние се бориме за иднината за Македонија за која сме дале завет дека ќе ја испорачаме со политичка храброст“,порача Трајчулески.