Кога диктаторите што ги заробиле и заблуделе своите народи ќе бидат доведени во јасна губитничка позиција, и кога патот во пораз или друг безизлез ќе почне сосем недвосмислено да застрмнува удолу пред нив, тие како по правило – наместо да се освестат и да направат некаков рационален потег кон спасението – помислуваат на самоубиство, но такво во коешто во смрт ќе повлечат што е можно повеќе народ, ако не и целиот свет. Просто е неверојатно како овој образец на ирационален самоубиствен мотив се повторува низ историјата во разни времиња, а денес – како да е снимeнa уметничка фикција а не стварност – ни се случува и пред очите.
Нема поречит историски пример за овој самоубиствен инстинкт што може да зарази цели народи, од веројатно најпознатиот говор на Хитлеровиот министер на пропагандата Гебелс, на 18 февруари 1943, пред 14.000 следбеници. Говорот беше одржан наменски, со цел да се оправдаат ужасните порази на германската солдатеска на сите фронтови.
Ургентноста на овој пропаганден говор беше поттикната од страотната воена катастрофа што Црвената армија ѝ ја приреди на германската армија и здружените европски коалициони партнери и доброволци во битката за Сталинград, каде што ја уништи и зароби целата група на окупаторски армии заедно со елитната Шеста армија, со што почна германското повлекување од Советскиот Сојуз и нижењето на порази сè до две години подоцнежниот дефинитивен крах на Хитлеровиот злосторнички Трет Рајх.
За да го оправда воведувањето на општата мобилизација на целото население и драстичната мерка на затворањето на 100.000 ресторани, клубови, вариетеа и барови низ целата земја, како и за да ја објасни неопходноста од вклучувањето на сите Германци во војната, Гебелс ѝ се подвлече на публиката со зборовите дека „германскиот народ, образован, индоктриниран и одгледан од националсоцијализмот, ќе може да ја издржи полната вистина“ за поразите во војната и за неопходноста од поголеми жртви за да се победи непријателот. Гебелс ѝ објасни на цела здружена Европа дека „само германскиот Рајх стои помеѓу варварските болшевички орди и Европа“, но дека „германската војска, народ и нивните сојузници заедно ќе ја спасат Европа од оваа закана“. Ви звучи познато?
Привршувајќи го говорот, Гебелс почна на публиката да ѝ поставува прашања на кои добиваше сè поегзалтирани и фанатизирани хорски одобрувачки одговори „даааа!“: „Дали верувате со вашиот Фирер во крајната тотална победа на германскиот народ? Дали сте подготвени, ако Фирерот нареди, да работите 10, 12 и ако е потребно 14 часа дневно и да дадете сè за победата? Дали ја сакате тоталната војна? Ако е потребно, дали сакате војна пототална и порадикална од сè што сите можеме и да замислиме денес?“. Четиринаесетте илјади фанатици врескаа: „Даа, даа, даааа!“, за на крајот Гебелс да финишира: „А сега, народе, стануј, и бурата нека почне!“, додека целата сала рипа ко еден, и вреска „ааааааааааааа“!
Едно време изгледаше како овие морничави сцени од пред 80 години нема никогаш повеќе да се повторат, и дури дека и сеќавањето на нив веќе нема некоја практична едукативна цел, зашто, се разбира, сите живеевме во заблуда дека влеговме во периодот на Pax Americana (американски мир, на нашки), кога ќе цутат вредностите на демократијата, слободниот пазар и претприемништвото, економската соработка и слободниот проток на луѓе, стока и идеи, а светот ќе биде неодминливото „поле за културен натпревар на народите“. Но американскиот мир никогаш и не беше мир (како што, впрочем, тоа не беше ниту Pax Romana), а нараснувачките национализми и фашизми почнаа да цутат наместо „вредностите“, додека светскиот хегемон САД и НАТО сојузот како нивна воено-политичка алатка за меѓународни интервенции, почнаа да уништуваат земја по земја, сѐ така ширејќи ја ширум светот благодатта на демократијата.
И така самоубиствената тоталитаристичка реторика на Гебелс почнавме катадневно да ја слушаме од уште еден осреден забавувач и комичар со крвави раце, од неизбежниот Зеленски. И неговиот режим ја користи истата реторика како и Хитлеровиот, дури со зачудувачки исти зборови, и тоа по три години од ужасната војна во која неговиот режим втурна во смрт стотици илјади украински мажи и во која се уништени сите вредности на цивилниот живот, и сето тоа „за да се одбрани Европа од варварските руски орди, што претставуваат смртна закана за европската демократија, слобода и цивилизација“. И сето тоа само заради територијата на Донецк и Луганск, но без Русите што живеат таму.
И наместо да стори сè што е под небеската капа можно за да обезбеди мир за својот народ и прекин на гибелот, Зеленски заедно со неговите домашни и меѓународни ментори (или во шпионскиот речник „ракувачи“) ја користат буквално секоја можност да ја ескалираат војната, да ја вовлечат Русија подлабоко во целосна војна со Украина, и по можност да ги вовлечат и Европа и Америка во војната со Русија, да обезбедат една окрепнувачка тотална светска војна, што ќе ја покрие и сокрие нивната лична злосторничка улога во глобалната свињарија што ја предизвикале.
Буквално истото го прави и Нетанјаху како и Зеленски, и двајцата на чело на држави што себеси се нарекуваат демократии (заедно со нивните помагачи САД, ЕУ и НАТО), а се всушност воени диктатури водени од ултранационалистички идеологии, и организирани во апартхејд системи врз основа на расизам и омраза, и конечно, кои функционираат како огледни фашистички милитаристички организми во кои воената економија и политичката власт се едно цело, а народите се – како во говорот погоре – одушевено топовско месо. Нетанјаху го искористи масакрот што го изврши Хамас на 7 октомври 2023 да почне да го спроведува буквално истото „конечно решение“ на палестинското прашање, како што тоа го направи Хитлер со „еврејскиот проблем“ пред осумдесетина години.
Во појасот Газа пред очите на светот отворено се изведува најдокументираниот геноцид во досегашната историја, и тоа буквално пред нашите оџагорени очи. Веќе година и пол безмилосно се убиваат цивили, меѓу кои десетици илјади деца, и систематски се уништува секоја супраструктура и инфраструктура што служи за урбано живеење на двата милиона Палестинци во Појасот. Урнати се практично сите станбени згради, сите инфраструктури – енергетски, патни и водоводни, во пепел се претворени сите болници, школи, универзитети, и други цивилни институции, и сето тоа само со една цел: да се натераат Палестинците да заминат од својата земја и да ја препуштат на израелската држава. Овој злосторнички убиствен геноцид се изведува со безрезервна поддршка на САД, НАТО и ЕУ, што значи дека целиот „слободен свет“ е директен учесник во геноцидот со кој се цели етнички да се исчистат од Палестинци окупираните палестински територии, и се разбира, да се населат со израелски колонисти.
Во овој ужасен злостор (во кој вкупно веќе ги загубиле животите помеѓу 100 и 200 илјади жители на Газа) во кој соучествуваме со нашиот молк и сите ние неми набљудувачи или индиферентни консументи на пропаганда и стока за широка потрошувачка, во прав и пепел исчезнаа сите толку извикани морални вредности на цивилизираниот свет. Може да се рече дека никој до сега олку морничаво не ја исквернави жртвата на шесте милиони убиени Евреи во Холокаустот како што тоа го направи овие година и пол израелската држава, која ја изгази под крвави чизми најважната поука од Холокаустот – „да не се повтори“, и тоа така што ја повторува на истиот начин но овој пат во улога на злосторничкиот џелат што Холокаустот го спроведува над други.
И, сепак, за среќа, светот не го чинат само „цивилизираните земји“ на „слободниот свет“, туку и многу други земји и народи што го кренаа гласот против Нетанјаху и неговиот геноциден фашистички режим. Тоа почна да создава проблеми и за меѓународната позиција на Израел, и Нетанјаху тука веднаш му прибегна на истото спасоносно решение: геноцидот во Газа и поразот во меѓународните односи да ги покрие со војна со Иран, во која по можност ќе ја вовлече и Америка. Израел го повтори самоубиствениот рефлекс на фашистичките танатофили, кои светската сеуништувачка војна ја сметаат за „тотално романтично решение“ на нивните проблеми. И ги почна терористичките напади на Иран, убивајќи генерали, научници и уништувајќи нуклеарни, енергетски и цивилни цели во таа земја.
Ние, во Македоња Вечна, ги живееме нормално нашите дни, се жалиме на јунските горештини и со половина свест, некаде на периферијата на вниманието ја следиме ескалацијата на војните во Украина и Средниот исток. И, се разбира, ни „измакнува“ сознанието за неверојатната сличност на Хитлеровиот поход по руските земји без Руси, Белоруси и Украинци, борбата на украинските националисти за териториите на Донецк и Луганск исчистени од Руси, и геноцидното уништување на Газа заради „чистењето“ на териториите на Газа и Западниот брег од Палестинци. За среќа, јунската јара ја стеснува свеста за кретенизацијата на светот во кој живееме. За среќа, велам.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)