Доналд Трамп објави дека договорил примирје помеѓу Израел и Иран, кое веќе стапило во сила и ги замоли двете страни да не го кршат.
„Примирјето сега е во сила, ве молам да не го кршите“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Кога Трамп утрово објави целосен прекин на огнот за да се стави крај на 12-дневната војна, тој сугерираше дека Израел и Иран ќе имаат време да ги завршат мисиите што беа во тек. Израел кажа дека Иран лансирал неколку серии проектили, при што загинале најмалку четворица луѓе во јужниот град Бершева. Иранските медиуми објавија дека Иран ги испукал своите последни проектили непосредно пред почетокот на примирјето.
Висок функционер од Белата куќа изјави дека Трамп договорил примирје во телефонски разговор со Бенјамин Нетанјаху, при што Израел рекол дека го прифаќа доколку и Иран запре со нападите.
„Израел и Иран ми пристапија речиси истовремено и ми рекоа дека сакаат мир. Под претпоставка дека сè ќе функционира како што треба, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, што имаа издржливост, храброст и интелигенција да ја завршат оваа 12-дневна војна“, рече Трамп.
Иран претходно потврди дека се согласил на прекин на огнот, но министерот за надворешни работи Абас Аракчи рече дека нема да има прекин на непријателствата доколку Израел не запре со своите напади