Акционерите на Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ), земјите-членки на ЕУ, одобрија рекордно висок плафон за финансирање од 100 милијарди евра за оваа година и нови програми за зајакнување на конкурентноста, технолошкото лидерство и безбедноста на Европа. Одборот на гувернери на ЕИБ, составен од министрите за финансии на Европската унија, го одобри плафонот за финансирање за 2025 година на состанокот во Луксембург.
Управните одбори на ЕИБ и на Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) претходно дадоа зелено светло за зголемување на финансирањето за безбедност и одбрана, енергетски мрежи и новата програма TechEU за зајакнување на улогата на Европа како технолошки предводник. Тие, исто така, одобрија исклучително важни проекти, вклучително и за поддршка на украинската економија и изградба на голема воена база во Литванија.
„Едногласната поддршка од нашите акционери, 27-те земји-членки, за нашите предлози за обезбедување рекордно финансирање за одбрана, енергетска безбедност и технолошко лидерство, ја покажува клучната улога на Групацијата ЕИБ во поддршката на стратешките приоритети на Европа“, изјави претседателката на Групацијата ЕИБ, Надија Калвињо. „Во свет каде што сè насекаде се менува одеднаш, ЕУ се наметнува како светилник на јасност, доверба и стабилност.“
Новиот плафон за финансирање на Групацијата ЕИБ за 2025 година од 100 милијарди евра следува по полугодишното преиспитување на оперативниот план на организацијата, што вклучува зголемување на 3,5 % од вкупното финансирање за европскиот безбедносен и одбранбен сектор, рекордно финансирање од повеќе од 11 милијарди евра за енергетски мрежи и складирање во Европа и поголема поддршка за технолошките и индустриските иновации на ЕУ.
Програма TechEU
Групацијата ЕИБ започнува со спроведување на најголемата програма за финансирање на ЕУ досега за поддршка на иновациите и технолошкото лидерство со цел привлекување таленти, капитал и инвестиции во Европа. TechEU ќе обезбеди 70 милијарди евра во облик на сопствен капитал, квази-капитал, заеми и гаранции на Групацијата ЕИБ во периодот 2025-2027 година и ќе привлече приватен капитал за да поттикне инвестиции од најмалку 250 милијарди евра.
TechEU ја надополнува „стратегијата за стартапи и проширување“ на Европската комисија за поддршка на проекти со повисок ризик и иновативни компании во текот на нивното инвестициско патување. TechEU обезбедува зголемена поддршка за суперкомпјутери, вештачка интелигенција, дигитална инфраструктура, критични суровини, зелени индустрии како што се офшор ветерната енергија, како и здравствени, безбедносни и одбранбени технологии, роботика и напредни материјали. Програмата ќе биде насочена кон иновативни компании во секоја фаза од нивниот развој – од почетни идеи до котирање на акции.
План за чиста индустрија
Во согласност со Планот за чиста индустрија на ЕУ, Управниот одбор на ЕИБ, исто така, го одобри првиот бран инструменти во рамките на TechEU за поддршка на Европа како предводник во подрачјето на чисти технологии, вклучувајќи го и зајакнувањето на меѓусебните гаранции за производство на енергија од ветер, како и три нови инструменти за зајакнување на конкурентноста на Европа.
Пакет од 1,5 милијарди евра ќе обезбеди контрагаранции преку партнерски банки за производителите на мрежни компоненти, со цел да се обезбеди одржливо снабдување, давајќи им на компаниите поголема сигурност за зголемување на производството на електрични мрежи низ цела Европа. Ова ќе го олесни вклучувањето на обновливата енергија во електроенергетските мрежи, како и испорака на поволна електрична енергија за бизнисите и домаќинствата во ЕУ.
За да се обезбедат предвидливи и прифатливи трошоци за енергија за бизнисите и да се забрзаат инвестициите во зелена енергија, ЕИБ и Европската комисија започнуваат пилот-програма од 500 милиони евра за поддршка на пошироко прифаќање на корпоративни договори за купување електрична енергија (PPA). ЕИБ ќе издава контрагаранции, преку партнерски банки, за дел од договорите за купување електрична енергија преземени од средни, како и поголеми енергетски интензивни компании за долгорочно купување на електрична енергија произведена од чисти извори.
За да се обезбеди ликвидност и обртен капитал за потребите на високо иновативни мали и средни претпријатија активни во развојот на зелени технологии, ЕИБ и Комисијата започнуваат 250 милиони евра вредна гаранциска програма CleantechEU. Тука се и 1,5 милијарди евра колку е предвидено како надополнување на успешната програма на ЕИБ што ги поддржува европските производители на ветерни турбини и компоненти.
Нови претседатели
Чешкиот министер за финансии Збињек Стањура ќе ја преземе функцијата претседател на Одборот на гувернери, на која се именува за една година и со моментално стапување на сила.
„ЕИБ има клучна улога во поддршката на европските приоритети, почнувајќи од одбраната па сè до енергетската сигурност или достапното домување“, истакна чешкиот министер за финансии Збињек Стањура. „Со воодушевување ја преземам функцијата претседател на Одборот на гувернери. Се радувам на тесната соработка со претседателката Калвињо и другите министри за финансии на ЕУ за поддршка на ЕИБ, додека таа ги засилува своите активности за да помогне во справувањето со многубројните предизвици со кои се соочува Европа.“
„ЕИБ импресивно ја покажа својата способност за поддршка на европските цели во сè посложената геополитичка средина и ефикасно исполнување на своите сè поголеми одговорности во поглед на поддршката на безбедноста и одбраната, зелената и дигиталната транзиција и економскиот раст во Европа, а воедно да ја заштити оперативната и финансиската позиција на банката“, изјави бугарската министерка за финансии Теменужка Петкова, која претседаваше со Одборот на гувернери во текот на изминатите 12 месеци. „Би сакала да ја изразам мојата благодарност до претседателката Калвињо и целата институција и да му ги упатам моите најдобри желби на новиот претседател, мојот драг колега Збинек Стањура.“Одборот на гувернери, исто така, ја поздрави Катја Плуто како нова претседателка на Комитетот за ревизија, која на таа функција го наследи Нуно Грасијас Фернандес. Освен тоа, Комитетот за ревизија го презентираше својот годишен извештај.