Проблемот не бил во промената на Уставот, туку нашиот идентитет и македонскиот јазик, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски во интервју на Македонската телевизија, коментирајќи ги денешните случувања во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и бугарскиот предлог амандман во извештајот за Северна Македонија.
„Можам да кажам дека не го доживувам ова како победа, туку како разочарување. Зошто? Затоа што во 21-ви век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, денес, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен дефакто е обид да се создаде некоја нова „модерна“ македонска нација, или некој нов „модерен“ македонски јазик што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но, не е тоа доволно“, изјави премиерот Мицкоски. Овој извештај, според последните информации, како што кажа, меѓу 8 и 9 јули повторно може да биде нападнат со сличен амандаман, што е само по себе преседан бидејќи еднаш е поразен.
„Сега на пленарна седница, што е само по себе преседан. Но, за ова е само потврда дека онаа голгота што ја поминуваме 25 години откако почна нашиот пат, и 20 години како кандидат продолжува и дека сите оние во минатото кои мислеа дека ќе стават потпис на некоја национална отстапка и дека ги завршуваат сите грижи биле измамници кон граѓаните, не велам дека тие не биле измамени, можеби верувале дека ќе биде нешто испорачано но тоа не ја намалува болката на граѓаните бидејќи тие ставиле потпис без да ги прашаат граѓаните и сега цената ја плаќаат граѓаните со тоа што денеска беа сведоци за создавање на нова „модерна“ нација и нов македонски „модерен“ јазик“, рече премиерот Мицкоски.
Според него, тоа потврдува дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот. Премиерот рече дека е најлесно да се излезе од преговорите и од институциите, но дека не е одговорно зашто резултат може да се постигне само ако се бориме од внатре.
„Ние нема да ги направиме оние чекори како од 2008 година после ветото во Букурешт… Не. Ќе бидеме антипод на тоа. Ние се бориме и ќе се бориме. Последните информации се дека на 8 или 9 јули дека ќе биде. Ќе се бориме и до тогаш. Не знам дали ќе успееме. Успеавме денеска. Успеавме во таа голема намера да покажеме дека не е промената на Уставот последна. Тоа е почеток на еден процес кој што нема да има крај. И ние ќе се бориме од внатре. И знам дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем јас додека ја предводам Владата, нема да се чуствува Македонија понижена“, рече Мицкоски.