Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кои обвинети се Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски. Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од процесот изјавија дека не се чувствуваат виновни.Во завршните зборови, одбраната на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека, Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. Како што наведоа обвинителките, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, не сакал да ѝ наштети, но учествувал во грабнувањето, Велибор Манев призна учество во двете убиства, Боре Видевски првично призна вина, но подоцна негираше, Влатко Кешишев се обиде да се прикаже како послушник, но доказите покажуваат активна улога, а Љупчо Палевски се смета за организатор кој креирал алиби и уништувал докази.
Завршни зборови на судењето за убиството на малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски дадоа и обвинетите. Првообвинетиот Палевски во петокот прват ги посочи Велибор Манев како организатор, Боре Видевски како извршител, а Влатко Кешишов како стражар во грабнувањата и убиствата. Манев во завршниот збор се осврна и на темата со синиот ранец, откривајќи дека оружјето и моторилите што биле користени во убиствата и ставени во него ги зел член на партијата Десна и вработен во Народната банка, по нало на Палевски. Лицето уште истиот ден беше уапсено и во тек е истрага во врска со наводите што ги изнесе Манев.
Видевски во завршните зборови кусо изјави дека нема што да додаде на излагањето на неговиот бранител, кој претходно побара ослободителна пресуда тврдејќи дека признанијата се изнудени, а истрагата водена во погрешен правец. Кешишев, пак, како и Манев изрази каење, велејќи дека имал грижа на совест што бил дел од групата, но дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.