„Ние го даваме политичкиот простор, повелете, кој сака да учествува. Секоја независна граѓанска мисла ќе добие повик заедно да соработуваме на локалните избори. Имаме програма, но таа е отворена за сите сугестии, предлози“, изјави ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев во емисијата „Аргумент +“, на ТВ 24.
Тој укажа дека ако нема здружување на граѓанските активисти тогаш гласовите ќе бидат раздвоени и затоа ДОМ покажува дека политиката може да се практикува и поинаку. Во ситуација каде на кандидатите на независните листи им се наметнува висок праг за собирање потписи за настап на локалните избори, ДОМ безусловно ја нуди својата политичка платформа со цел обединување на независната мисла.
„Одлуката за самостоен настап на локалните избори ја донесе Централниот одбор минатиот викенд, но процесот го започнавме минатата есен, кога организиравме конференција со граѓански организации за тоа што сакаме и очекуваме од нашите советници во општините. Имаше граѓански организации со кои ја продлабочивме соработката и завршивме со потпишување на платформа, преку која една од конкретните заложби беше интересот за зачувување на заедничките вредности во однос на Охридското езеро а тоа беше лакмус-тест за тоа дали да продолжиме понатаму“, рече Анѓушев.
Александар Анѓушев нагласи дека ДОМ работи политиката да се практицира на поинаков начин од тоа што е воспоставено.
„Ние сакаме да бидеме механизам за тоа како понатаму да се делува во институциите, каде што е вистинската битка. Ништо не правиме ако ги кратиме основните права да се излезе и да се претставува некого. Ние како партија се бориме пред се’ за основните човекови права на маргинализираните групи“, рече Анѓушев и порача дека само ако има слобода на изразувањето можеме да одиме напред.