Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес го осуди потпишувањето на договорот за Специјалниот трибунал за злосторства на агресија против Украина во Советот на Европа.Захарова рече дека тоа е „срамна страница во историјата на Советот на Европа, а такви има многу“, додавајќи дека организацијата не знае ништо за човековите права и не е заинтересирана за правата на Русите во Украина, пренесува „Политика“.
„Советот на Европа беше еден од првите што се изјасни во прилог на формирање квази-правни механизми насочени против нашата земја. (Оваа институција) одамна стана упориште на западната русофобија и двојните стандарди, а сега овој трибунал ја доби поддршката од Комитетот на министри на Советот на Европа“, оцени таа.
Захарова додаде дека следните разговори со Киев ќе се одржат во Истанбул, а шефовите на делегациите на двете страни ќе ги одредат датумите.
Зборувајќи за Блискиот Исток, таа рече дека дипломатијата е клучот за решение, кое мора да вклучува обезбедување на законското право на Иран да развива мирна нуклеарна енергија, а од друга страна, земање предвид на безбедносните интереси на Израел.
Таа рече дека Русија не наметнува никакво решение, но дека ставовите на Русија за ситуацијата на Блискиот Исток им се пренесени на Иран, Израел и САД.
Захарова, исто така, оцени дека САД и Израел се виновни за штетата предизвикана од активностите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), и покрај фактот што двете земји го обвинуваат Техеран.
„Фактот дека иранските нуклеарни објекти, кои се под контрола на МААЕ, станаа цел на американски и израелски ракети е отворен предизвик за системот. Се појавија вистински пречки во спроведувањето на сеопфатниот договор за заштитни мерки склучен меѓу агенцијата и Иран, а кредибилитетот на глобалниот систем за верификација на агенцијата, кој се користеше како извор на информации за планирање бомбашки напади, исто така е доведен во прашање. Да ве потсетам дека Советот за безбедност на ОН недвосмислено го класифицираше нападот врз нуклеарните постројки како неприфатлив“, рече Захарова.