Руските сили ја презедоа контролата врз областа богата со литиум во близина на селото Шевченко во Донецката област на Украина, на само три километри од границата со Дњепропетровската област, објави „Ле Фигаро“. Станува збор за зона од околу 40 хектари, која содржи едно од најперспективните наоѓалишта на литиум во Европа, познат како „бело злато“ поради неговата клучна улога во енергетиката и одбраната.
Селото Шевченко, оддалечно десетина километри од градот Велика Новосилка, кој Русите го зазедоа во јануари, е стратешки важно поради литиумските резерви. Овој метал се користи за производство на батерии за електрични возила, електроника, стаклокерамика, легури за авионската индустрија и системи за складирање енергија. Со растот на глобалната побарувачка за овие технологии, литиумот станува сè поважен стратешки ресурс, пишува „Дифенс Блог“.
Според „Ле Фигаро“, овој потег е дел од руската стратегија за контрола на украинските минерални богатства во услови на глобална трка за обезбедување литиум за производство на батерии. Цената на литиумот во 2022 година достигна врв од над 80.000 долари за тон, а денес во Кина изнесува 8.500 долари за тон, што сè уште е економски и стратешки значајно. Заземањето на оваа област и овозможува на Русија не само да ја прошири воената контрола во источна Украина, туку и да добие пристап до вредни ресурси со долгорочен економски и индустриски потенцијал. Наоѓалиштето Шевченко претходно беше во фокусот на странски инвеститори и украинските власти за намалување на зависноста од увоз на суровини.
Аналитичарите сметаат дека заземањето на литиумските наоѓалишта е дел од пошироката руска стратегија за контрола на ресурсните правци и ослабување на украинската способност за финансирање на обновата на енергетската и индустриската инфраструктура. Украинското Министерство за енергетика и заштита на животната средина го означи ова подрачје како приоритет за домашно истражување и меѓународни инвестиции. Заземањето доаѓа по потпишувањето на стратешкиот договор за безбедност на ресурсите меѓу Украина и САД на 1 мај, кој предвидува формирање на Заеднички фонд за обнова и партнерство за клучни минерали, фокусиран на рударство, нафта, гас, инфраструктура и преработка на суровини. Договорот не вклучува безбедносни гаранции за Киев, иако Украина инсистираше на тоа, а беше потпишан по тензии меѓу Киев и Вашингтон, кулминирани со вербален судир меѓу претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски кон крајот на февруари.
Украина поседува околу 5 отсто од светските „критични суровини“, вклучувајќи 19 милиони тони резерви на графит, што ја прави една од петте водечки земји по залихи на овој минерал, според Државната геолошка агенција на Украина. Земјата има и третина од европските резерви на литиум, седум отсто од глобалното производство на титан и значителни резерви на ретки земни метали, клучни за производство на оружје, ветерници, електроника и други технологии. Според украинската министерка за економија Јулија Свириденко, ресурси вредни околу 350 милијарди долари се наоѓаат на окупираните територии.