ТЕ-ТО е најсовремена македонска когенеративна термоцентрала која паралелно произведува струја и топлинска енергија. Станува збор за високоефикасна таканаречена „џет турбина“ идеална за производство на електрична енергија за балансирање на националниот електроенергетски систем. Вчера беа понудени 10% од нејзините акции (вкупно 27 хартии од вредност н.з.) по почетна цена од 622.330 евра за секоја акција. За жал ниту еден од големите институционални инвеститори – задолжителни и доброволни пензиски фондови не покажа интерес
Ниту вчера никој не се охрабри да даде понуда за во пакет по моделот „се или ништо“ да купи 10 отсто од сите акции на најсовремената македонска централа за производство на струја и на топлинска енергија.На берзата беа понудени акциите во ТЕ-ТО што се стечајна маса на скопска „Топлификација“. Почетната цена за пакетот од 27 акции беше 16,8 милиони евра. Односно 622.330 евра за секоја од тие понудени акции. Купувач немаше, а акциите ги понуди брокерската подружница на „Комерцијална банка“.
Зошто ниту еден македонски институционален инвеститор нема интерес да купи акции во најсовремениот и најефикасен капацитет за производство на струја и на топлинска енергија? Нема одговор на тоа прашање. Иако економската логика вели дека ваква инвестиција треба да е интересна за институционални инвеститори како што се фондовите од вториот пензиски столб или пак друштва кои управуваат со инвестициски фондови. Особено затоа што, барем теоретски, нивната стратегија е долгорочно вложување на пари на идни пензионери кои носат реално предвидливи стапки на принос, а вложуваат до 10 отсто во акционерската структура на компанијата чии акции одлучуваат да купат. Дали е вложување во акции на ТЕ-ТО ризична инвестиција? Можеби само политички. Затоа што доминантниот сопственик е руски преку фирми од Британски девствени острови и од Кипар. А сега односите меѓу западните демократии, кон кои се стремиме и ние, и Русија се далеку од одржливи. А можеби и затоа што независниот ревизор дал неповолно мислење.
Но, од аспект на капацитетот на компанијата, нејзината поставеност во македонскиот електроенергетски систем, технологијата и фактот дека секогаш може да обезбеди природен гас за своето производство речиси и да нема оперативен ризик.Станува збор за техонолошки најсовремен капацитет за производство на струја во Македонија со инсталиран капацитет од 220 мегавати за еден час. Номинално колку еден блок во РЕК Битола. Но неспоредливо подобро од РЕК Битола. Затоа што еден блок во РЕК Битола никогаш не може да даде на мрежа ниту 180 мегавати, а што е поважно не може да го прилагоди производството во секој зададен час според номинации. А ТЕ-ТО може. Токму заради тоа и е идеален за производство на енергија за балансни потреби односно за пеглање пикови. Но тоа во систем во кој реално и постои балансна одговорност. Кај нас уште тоа меѓу себе го пеглаат МЕПСО и ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ).
Како и да е, ТЕ-ТО според најнови достапни јавни податоци (од Македонска берза) во 2023 и 2022 година од продажба на струја и на топлинска енергија инкасирал повеќе од 500 милиони евра приходи. А во двете години остварил профит од 16,7 милиони евра.Само во 2023 година ова друштво од продажба на струја инкасирало приход од 189,4 милиони евра. Со оглед на расположливиот капацитет за производство на струја ТЕ-ТО е убедливо најефикасен голем производител на струја на македонскиот пазар. А воедно и многу важен за стабилна и доверлива работа на македонскиот електропреносен систем со особен аспект врз напонскиот профил на Скопје најголемиот конзумен регион во Македонија.
ТЕ-ТО во 2023 година ја имал втората најдобра година во своето 12 годишно постоење и покрај тоа што во својот годишен извештај менаџментот годината не ја оценува како најуспешна затоа што им требало барем 14 милиони евра добивка за да обезбедат минимум прифатлива динамика за поврат на инвестицијата.Компанијата произвела 1,31 милиони мегаватчасови електрична енергија и 284.000 мегаватчасови топлинска енергија.
ИЗВОР ФАКТОР.МК