Иако последниве денови се расчистува езерското дно од тиња, песок и камења кај Градското пристаниште во Охрид, а истиот процес продолжува и кај пристаништето во Свети Наум, капетаните алармираат: ситуацијата е далеку од безбедна. Наместо трајно решение, се работи за краткорочен потег кој не ги решава суштинските проблеми – пренатрупаност, недостиг од простор и опасни услови за пристап и маневрирање со бродовите, објави МРТ.
„Се качуваат туристи преку три брода едни над други – тоа е невидена катастрофа. Странците се чудат. Возиме претежно постари луѓе, Германци, Норвежани. Ова не е прифатливо“, вели капетанот Зоран Гилески, предупредувајќи дека моменталната состојба е ризична и за патниците и за самите пловни објекти, особено во услови на лошо време. Охридското пристаниште, кое пред три децении примало два поголеми брода, денеска се соочува со шест активни, а наскоро и со уште два нови. Во такви услови, како што велат бродарите, нема основни стандарди за воден сообраќај – ниту соодветен простор, ниту безбедност.
„Време е да ги прифатиме западните стандарди. Сега е небезбедно и за бродовите и за патниците. Треба проширување и заштита, особено зими кога има невремиња“, додава Гилески. Потребна е и посебна марина за едрилици, нагласува капетанот Васил Јанески: „Во Солун има јасна идентификација, знае се каде што стои. Тука – доаѓа брод, нема каде да паркираш, се ризикува оштетување на скапите едрилици.“ Капетаните потсетуваат – бродовите не се само нивно лично богатство, туку симбол на туристичкиот Охрид и важен дел од македонската туристичка понуда. Затоа, апелираат државата итно да изнајде трајно и системско решение за безбедни и современи пристаништа.
Извор: МРТ