Во Скопје денеска се одржува лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст, кој ќе биде можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот. На самитот чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции. Во рамки на лидерската средба ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст. Премиерот Мицкоски вчера во Владата одржа средба со еврокомесарката Кос, на која ѝ ја истакнал определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во клучните области.
-На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација, напиша Мицкоски на неговиот официјален фејсбук профил. Еврокомесарката Кос, посочува тој во објавата, ја поздравила реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат.