Во драматичен натпревар кој траеше дури 120 минути, Ал Хилал предводен од Симоне Инзаги приреди сензација и со 4-3 го совлада Манчестер сити, еден од главните фаворити за титулата на Светското клупско првенство. Сѐ започна според планот на Пеп Гвардиола, Бернардо Силва уште во 9. минута го отвори резултатот и донесе водство за Сити. Англичаните го контролираа темпото на игра и на полувремето заминаа со минимална предност.
Но, второто полувреме донесе вистинска драма. Веднаш по стартот, Маркос Леонардо изедначи на 1-1, а до 52. минута Малком го шокираше Сити со гол за водство на Ал Хилал од 1-2. Само три минути подоцна, Ерлинг Халанд го врати Сити израмнувајќи на 2-2, резултат кој остана непроменет до крајот на регуларните 90 минути. Во продолженијата, драма до самиот крај. Кулибали со удар со глава во 94. минута повторно му донесе водство на Ал Хилал. Но, одговорот на Сити стигна преку Фил Фоден кој претходно влезе од клупата за резерви. Кога изгледаше дека пеналите ќе го решаваат победникот, Маркос Леонардо во 112. минута стрелаше за голем подвиг на саудискиот клуб. Противник на Ал Хилал во четвртфиналето ќе биде Флуминенсе кој претходно исто така приреди големо изненадување совладувајќи го Интер.