Министерството за финансии има активна улога во подигнување на свеста за значењето на финансиската писменост. Заедно со Народната банка, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност, подготвија Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021-2025 година со цел зајакнување на вештините на населението за управување со личните финансии и подобрување на способноста на граѓаните за донесување информирани одлуки во однос на финансиските производи и услуги.
Финансиската писменост и како познавањето на финансиите ја обликува иднината на младите беше тема на панел дискусијата на која учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, претседателката на Советот на експерти на АСО Ели Дракуловска, Дарко Саздов член на Советот на експерти на МАПАС и Кирил Јовановски професор на Економскиот факултет – Скопје и надворешен комисионер при КХВ.
Таа потенцира дека финансиската писменост игра голема улога во заштита на граѓаните, особено имајќи ги предвид современите технолошки процеси во финансискиот сектор. Министерката за финансии во рамки на панел-дискусијата одговараше на прашања коишто беа поставени од публиката составена од студенти. При тоа заедно со останатите говорници се осврнаа на повеќе теми коишто ги засегаа младите, а се поврзани со нивните лични финансии и начините на штедење.
Панел дискусијата се одржа во рамки на Глобалната недела на парите, а во организација на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.