На големото финале на турнирот во кантер страјк „Интел екстрим мастерс Мелбурн 2025“, тимот на „Вајталити“ успеа со 3:2 да ги победи тимот „Фалконс“, тимот на македонскиот професионален играч Дамјан Стоилковски. Финалниот меч се одржа на 27 април.
Натпреварот го следеа неколку илјади луѓе во салата и над 1,25 милиони гледачи онлајн, според податоците од Еспорт Чартс. Шампионите „Вајталити“ освоија 125.000 австралиски долари, додека вицешампионите „Фалконс“ добија само 50.000 долари од наградниот фонд кој вкупно изнесува 300.000 долари. Полуфиналистите „МОУЗ“ и „Монгол З“ добија секој по 25.000 долари, информира Дедспин. (Вредноста на еден австралиски долар по среден курс е околу 0,56 евра.) Во рамките на годинашнава, петта сезона на Гренд слем турнирот на Лигата на електронски спортови (ESL Grand Slam) „Вајталити“ (Vitality) претходно победија на турнирите во Келн, Катовице, турнирот на шведската Про лига и во Мелбурн.
„Фалконс“ (Falcons) пак беа победници во Букурешт на 16 април. За поразот во Мелбурн, коментататорот на ХЛТВ претежно ги обвини слабите перформанси на членот на „Фалконс“ од Русија, Илја Осипов. Останатите членови на тимот се Илија Ковач од Босна и Херцеговина и Данците Емил Реиф, Рене Мадсен и Дени Соренсен. Дамјан Стоилковски (24) од Скопје, професионално се натпреварува под прекарот kyxsan, при што игра улога на ин-гејм тим лидер одговорен за тактика. „Кантер страјк“ игра од 9-годишна возраст, а како хоби игра и фудбал. Тој беше член на Македонската кантерстрајк репрезентација која во 2022 година стана европски шампион во 2022 година, откако извојува победа врз Украина. Претходната година тој беше во тимот што го освои Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација во Израел, победувајќи ја репрезентацијата на Романија. Истата година тие го освоија и првото место на Европскиот куп на нации. Извор: Новинска агенција МЕТА