„Советите на Општините, Градот Скопје преку избрани претставници што ги назначуваат во Управните и Надзорните одбори ја вршат функцијата управување. Управниот одбор ја поставува рамката за работење на претпријатието, врши одредена контрола, стратегиски правци, планови и итн. Но, не секојдневното работење. Не може да очекувате и членовите на Управните одбори кои што не ја вршат функцијата професионално таму, за разлика од директорот и неговите тимови да имаат увид во тековното, секојдневно работење“, истакна Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.
Славески додаде дека за него лично, но и за советниците оваа ситуација со ЈСП дојде сосема неочекувано.
„Ние не можеме на дневна основа да следиме што се случува со јавните претпријатија. Добиваме тримесечни извештаи, ги ставаме на седници на Совет, советниците дискутираат. Еве дури и се доцни со извештајот на ЈСП. Можам да ви кажам дека од „Паркови и зеленило“ имаме извештај, од „Комунална хигиена“ и од „Лајка“. За овие три претпријатија што ги спомнав „Комунална хигиена“ има загуба од околу 40 милиони денари, а додека „Паркови и зеленило“ има добивка некаде од околу 18 милиони денари, 300.000 евра со деветте месеци заклучно со септември. А, додека пак „Лајка“ е тука некаде на позитивна нула, некаде околу 4.000 евра, во плус се. А, за останатите немам информација“, заклучи тој.
Тој посочи дека од „Лајка“ и на претходната седница имаат доставено барање за дополнителни средства за субвенции од Град Скопје.
„За тековната реализација на Буџетот на Град Скопје задолжен е градоначалникот. Ние имавме планирано седница за крајот на месецот, 31 октомври, каде што чекаме ребаланс на Буџет. Најавен е ребаланс на Буџет. И до овој момент не беше стигнат ребаланс на Буџет, наводно заради одлуката која што беше донесена за пренамена на средства за поддршка на ЈСП, било потребно дополнително време за да се усогласат нели сега цифрите со таа интервенција од околу 130 милиони денари. И ја поместуваме седницата на барање на кабинет на градоначалникот за 8-ми ноември. Зошто го кажувам ова? Да го имав сега, или да го имавме како советници добиено ребалансот на Буџетот, ќе имавме појасна слика какви се состојбите со сметките на Буџетот на Градот Скопје“, истакна Славески.