Граѓаните револтирани од ЈСП, велат дека и на високи температури, принудени се да чекаат автобус и по половина час. Оние пак кои живеат во приградските подрачја се жалат дека чекаат и по еден час, а некогаш и два. Иако на табличките пишува за колку време ќе дојде автобусот понекогаш се случува и да го нема, споделија патниците. Освен за нивната нередовност, луѓето се жалат и на лошата хигиена внатре.
„Автобусите 67 и 51 се толку валкани што човек не сака да влезе внатре бидејќи може да добие инфекција. Климите не работат бидејќи така автобусите трошеле повеќе гориво тогаш зошто ги имаме во летен период, а исто и во зима нема греење“, прашува граѓанин.
„Проблемот е што автобусите не се редовни. За време на викенд јас одам во општина Илинден и чекам автобус по два или три часа. Оние постарите автобуси се исчкртани и оштетени, а новите се добри. Треба да се набават нови еколошки автобуси затоа што ние не сме стока па да се туркаме во автобуси“, заклучува друг граѓанин.
Од Град Скопје денеска преку соопштение вината за дотраените автобуси му ја префрлија на претседателот на Советот, Трајко Славевски. Велат дека Славевски не ја става предлог-одлуката за набавка на еко-автобуси на дневен ред и со тоа постапува спротивно на деловникот.
„Иако е доставена одлука за нови автобуси за следната седница, претседателот на Совет Трајко Славески спротивно на деловникот и статутот, воопшто не ја става точката на дневен ред за гласање. Единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз“, соопштија од Град Скопје.
Телма разговараше со еден од возачите на ЈСП кој сакаше да остане анонимен и тој ни кажа дека итно се потребни нови автобуси за да се задоволат потребите на граѓаните. Претседателот на Советот Славевски ни кажа дека наредната седница ќе биде во среда, а точката најверојатно нема да биде на дневен ред бидејќи ја нема потребната поддршка од советниците. Во текот на предизборната кампања градоначалничката Арсовска ветуваше набавка на нови еколошки автобуси. Но, откако се разиде со ВМРО-ДПМНЕ со чија поддршка дојде на функција, точката за набавка на еко автобуси не може ни да стаса на дневен ред.