Бидејќи станува збор за системски закон, за кој е неопходно двотретинско и Бадентерово мнозинство, или Мицкоски ќе прави нов пазар со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, или Коалицијата Вреди, која е предлагач на измените на Законот, потребните гласови за „Бадентер“ ќе ги бара од пратениците од помалубројните заедници во СДСМ и во Левица, која е најмалку посакувана варијанта.Градоначалниците Тимчо Муцунски и Арбен Таравари ќе седнат во министерските фотелји за надворешни работи и трговија и за здравство без да се реши прашањето дали општините Аеродром и Гостивар за шест месеци ќе одат на избори или ќе ги дочекаат редовните локални избори во есента 2025 година. Измените на Законот за локална самоуправа нема да влезат во собраниска процедура пред формирањето на новата влада, предводена од Христијан Мицкоски, иако власта ги најави заедно со законот за реорганизација на владата. Опозициските СДСМ и Европскиот фронт сè уште не решиле дали ќе ги поддржат измените.
Бидејќи станува збор за системски закон, за кој е неопходно двотретинско и бадентерово мнозинство, или Мицкоски ќе прави нов пазар со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, или Коалицијата Вреди, која е предлагач на измените на Законот, потребните гласови за „Бадентер“ ќе ги бара од пратениците од помалубројните заедници во СДСМ и во Левица, која е најмалку посакувана варијанта…Мицкоски: Законот е доставен во Собранието
Мандатарот Мицкоски синоќа, при промоцијата на кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, порача дека очекува безусловна поддршка од сите партии за Законот за локална самоуправа, со кои се предвидува да нема предвремени избори во општините чии градоначалници ќе преминат во извршната власт, ако до локалните избори преостануваат помалку од две години. Тој посочи дека иако на ВМРО-ДПМНЕ политички му одговара да се одржат избори, тоа не треба да биде начин на кој ќе се однесуваат политичарите.
– Законот е доставен во Собранието. Очекувам сите пратеници безусловно да гласаме, затоа што, иако на ВМРО-ДПМНЕ политички сега му одговара да има избори, ние сакаме да бидеме влада којашто ќе биде одговорна и нема да има двојни аршини или двојни стандарди. Цениме дека не треба дополнително да се трошат парите на граѓаните, тие избори во некои општини можеби би чинеле еден милион евра. Тоа се пари со кои можеме да направиме некој булевар, градинка, да реновираме некое училиште, наместо со нашите политички игри да ги малтретираме граѓаните во ноември и декември еднаш, па в година, во септември и октомври, уште еднаш – рече Мицкоски.
Сепак, денеска на координацијата кај претседателот на Собранието Африм Гаши, ни СДСМ, ни Европскиот фронт не се изјасниле дали ќе ги поддржат измените. Халил Снопче од Вреди за „Слободен печат“ потврди дека нема да брзаат и измените на Законот ќе бидат на дневен ред по формирањето на новата влада.
– Ќе почекам одговор од пратеничките групи на СДСМ и на Европскиот фронт. Се надевам дека измените ќе бидат прифатени од двете опозициски партии, бидејќи тие и ним им одговараат – вели Снопче. За измените на Законот потребен е таканаречен „голем Бадентер“, односно за тие да поминат потребно е да гласаат 20 пратеници од немнозинските заедници. Во новиот пратенички состав има 39 пратеници кои гласаат според Бадентеровото мнозинство. Без опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди немаат 20 немнозински пратеници. Вреди има 14 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ – двајца или тројца од заедниците, односно им недостигаат тројца или четворица опозициски немнозински пратеници. СДСМ и Левица, пак, имаат по двајца пратеници од заедниците. Ако ДУИ или пратеници од Европскиот фронт не ги поддржат измените, Вреди поддршка ќе треба да бара од СДСМ и од Левица. Иако ДУИ официјално вели дека не се координирале за Законот, неофицијално и од партијата на Ахмети и од Европскиот фронт навестуваат дека ќе дадат поддршка, бидејќи и ним им одговара во Сарај да нема избори, откако градоначалникот на оваа општина Блерим Беџети стана пратеник.
Претходно, за поддршка на реорганизацијата на министерствата, Мицкоски се согласи да се формира ад-хок комисија за следење на рамковните вработувања во институциите, по што пратениците на ДУИ им се приклучија на противниците од владејачкото мнозинство при изгласувањето на законот. Во измените на Законот за локална самоуправа до кои дојде „Слободен печат“ се вели:
„Доколку до новиот изборен период има помалку од две години, изборите нема да се спроведат, а Советот во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаевите од ставот (1) на овој член ќе избере еден од членовите на Советот кој ќе ја врши должноста градоначалник за периодот до избор на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот“.
Во образложението се вели дека со предложеното законско решение ќе се подобри правната рамка за функционирањето на локалната самоуправа. Со новото решение предвремени локални избори за градоначалник на општина ќе се спроведат само доколку до новите регуларни избори има повеќе од две години. Измените на законот се предлага да се донесат по скратена постапка.
Само три жени во кабинетот
Утре се очекува мандатарот Мицкоски да ги достави до Собранието програмата и составот на владиниот кабинет, откако синоќа, по седниците на Извршниот и на Централниот комитет поминаа предлозите за министри од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Според најавата, владините партнери Вреди и Движењето ЗНАМ денеска треба да ги достават до мандатарот своите предлози за министри.
Мицкоски повтори дека новата влада која Собранието треба да ја гласа викендов (на 22 јуни ќе почне седницата и на 23 јуни ќе се гласа новата влада) ќе ја сочинуваат коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ – За наша Македонија.
Владиниот тим, предводен од Мицкоски, ќе брои 24 члена, од кои премиер и пет вицепремиери, меѓу кои и од српската и од ромската заедница. И во новата влада ќе има малку жени, односно три, и тоа сите од ВМРО-ДПМНЕ. Албанскиот партнер Вреди во првиот ешалон ќе нема ниту една жена. Карактеристично е дека сите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во извршната власт, но и дел лидери од Вреди што, пак, ќе значи дека првпат лидери на партии на Албанците како министри ќе преземат директна одговорност, што беше еден од условите на Мицкоски за владина коалиција со Вреди.
За заменик претседател на владата и министер за транспорт е предложен потпретседателот Александар Николоски, за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Кочоска-Димитриеска, за одбрана – потпретседателот Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија – Тимчо Муцунски. Предлог за министер за внатрешни работи е актуелниот технички министер Панче Тошковски, за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.
Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство како кадар со долгогодишно искуство во ресорот, професорката Весна Јаневска – во образование и наука, во Министерството за култура и туризам – актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт – ексракометарот Борко Ристовски.
Вицепремиерите ќе бидат и од коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите, односно Љупчо Димовски како вицепреиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ – вицепреиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
Предлози за министри од Вреди се прв вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити од Демократско движење, Орхан Муртезани од Алтернатива – за министер за европски прашања, Движењето Беса го предлага Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади, а Бесар Дурмиши – за министер за економија и труд. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците е кандидат за министер за здравство. Од Движењето ЗНАМ за министер за правда е предложен Игор Филков, а за ресорот администрација Горан Минчев.