На 24.09.2023 во периодот од 00.00 до 04.00 на подрачјата на сите Сектори за внатрешни работи при МВР беше спроведена акциска контрола за присуство на малолетници во угостителски објекти после 24.00 часот, за точење на алкохол на малолетници и за откривање на злоупотреба на престој на странци. Притоа, биле контролирани 280 угостителски објекти, извршени се прегледи на 176 лица и возила. Во акциската контрола биле вклучени и тимови на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, кои извршиле контрола во 14 обложувалници и казина и две приватни обезбедувања.
Од слобода било лишено едно лице на подрачје на СВР Велес затоа што кај него била пронајдена марихуана, а шест малолетници (по тројца на подрачјата на СВР Скопје и СВР Битола) биле затекнати во угостителски објекти после 24.00 часот и по приведувањето биле предадени на родителите. Исто така, при контролата биле откриени две кривични дела „точење алкохолни пијалоци на малолетници“ по член 204 од Кривичниот законик. Биле констатирани и повеќе прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, Законот за возила, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и едно непочитување на работното време.За сите констатирани прекршоци, против правните лица и одговорните лица во објектите ќе бидат поднесени соодветни пријави.