Аферата со Конти – пирамидална шема на која за околу една година се навлекле околу 14.000 граѓани, ја тресе Македонија. Дел од лицата кои вложиле пари, односно уплатиле средства на апликацијата, со надеж дека само со влог и со кликање на линкови за филмови ќе заработат големи суми, останаа без вложените средства, откако падна пирамидата. Шпекулациите се дека во игра биле десетици милиони евра, пари од играчите на Конти, но официјални податоци за целата афера – нема.
Никој од оштетените досега не пријавил во МВР, и најголем дел од информациите за случајот, најчесто непроверени, се објавуваат на социјалните мрежи. Деновиве, откако падна Конти, актуелно е и видео од отворање на Инфо центарот Конти во Радовиш. Со торта, балони и ракоплескање се отворила таа канцеларија, каде граѓаните можеле да добијат информации за апликацијата, и каде се вршеле презентации како истата функционира. Но, освен во Радовиш, отворена беше и канцеларија во Кавадарци.
Кавадарчанецот Александар Димков (26), беше еден вид на менаџер на Конти Македонија, односно лице кое ја отвори првата Конти канцеларија во земјава. Токму поради тоа, разочарувањето на многумина кои изгубиле пари е насочено кон него, па дури и се пишуваат заканувачки коментари, во кои му се порачува да ги врати парите на играчите назад. За „Фокус“ младиот кавадарчанец раскажува дека навистина добил бројни закани, и размислува дали да ги пријави во полиција. Вели дека сите кои се вклучиле во шемата, добро знаеле за што станува збор.
Немало никакви гаранции за сигурна добивка, никој не потпишал никаков договор, се плаќало во крипто валути, нешто кое кај нас не е регулирано со закон, но не е ниту пак забрането. Открива дека само од Кавадарци имало околу 8.000 лица кои уплатиле, и околу 90 проценти од нив заработиле од играта. Како што вели, и тој е помеѓу оние кои заработиле, но откако апликацијата паднала, и дел неговите средства останале заробени.
-Зад апликацијата стои Конти Интернационал, компанија од Обединетото Кралство. Кај нас, во Македонија, Конти дојде преку Словенија. Јас се вклучив во април во играта. Кога стигнав до трето ниво, добив еден вид на награда, отворање на канцеларија. Ја отворив канцеларијата во Кавадарци чија намена беше информационо биро, и постојано доаѓаа заинтересирани граѓани, имавме презентации околу тоа како функционира шемата. На сите им беше кажано дека средствата кои ги уплаќаат, не ги уплаќаат кај мене на сметка, туку ги уплаќаат на апликацијата. Исто така, убаво беше појаснето дека гаранции нема.
Но, факт е дека многу луѓе заработија, барем во Кавадарци, каде најмногу се распространи играта, во добивка се околу 90 проценти од учесниците. И јас заработив пари, но поголемиот дел ги вложив во апликацијата, ете не знаев дека целата работа ќе згасне. Да сум знаел, ќе ги повлечев моите пари, но тоа е веќе завршена работа, раскажува младото момче. Открива дека кога ја отворил канцеларијата, од англиската компанија му платиле кирија и тековни сметки за еден месец, а потоа прекинале со плаќање.
Сега канцеларијата била затворена, бидејќи се наоѓала во изнајмен објект, чиј сопственик се плашел дека некој од оштетените играчи може дојде и да направи штета. -Канцеларија повеќе нема, но јас сум тука. Во градот сум, функционирам нормално, нема што да се кријам, ниту пак да бегам. Сите кои беа дел од Конти ги знаеја правилата, кои не ги диктирав јас, туку Конти Интернационал. И да не заборавиме, ова е на светско ниво, не е само во Македонија, значи од целиот свет имаше околу два милиони играчи, и сите немаат пристап до средствата, појаснува Александар.
Вели дека и самиот е изненаден од тоа колку бргу и масовно се распространила Конти шемата, од обемот и вниманието кој целиот случај го доби. Додава дека на играчите им биле појаснети правилата од почеток, и се помириле дека може да добијат, но и да изгубат. Најверојатно поради тоа, барем досега никој официјално не го пријавил случајот во полиција. -Доколку некој смета дека намерно е оштетен, слободно може да пријави во полиција. Но, овие работи се комплицирани за докажување, посебно поради тоа што се работеше со крипто валути, и затоа што зад Конти стои интернационална компанија од Британија.
Јасен беше ризикот, но ете, сите се надевавме на добивка. Некои добија, некои изгубија. Веднаш по падот на апликацијата, гледам дека се отвораат нови слични апликации, но и по се што се случи, се уште има граѓани кои се спремни на ризик и без многу двоумење влегуваат во нови шеми. Кој и како може да го контролира или да го забрани тоа? Нема закон кај нас со кој би се регулирале овие трендови, а желбата за брза заработка е нешто кое е примамливо за повеќето граѓани, без разлика на можноста од загуба.
Апелирам секој добро да размисли за ризикот и да не се вложуваат средства, бидејќи гледаме што се случи. За крај, сакам уште еднаш да порачам дека јас сум тука, дека приказните како сум побегнал од земјава се чисти шпекулации. Не одам никаде, достапен сум за разговор, и самиот бев дел од шемата и стојам зад тоа. На оние кои шпекулираат дека сум заработил милионски суми, би им кажал дека не направив палати ниту пак спечалив за мене и за идни генерации од Конти.
Ова е едно искуство за кое не сум можел да поверувам дека ќе го доживеам, но ете, се случи и ќе остане како поука за во иднина, ни раскажа Александар. За случајот Конти зборуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во саботата тој кажа дека за овој потенцијален кривично-правен настан, кривична пријава официјално не е поднесена. Им порача на граѓаните пред да инвестираат во вакви потенцијални пирамидални шеми, првин да се консултираат со експерти од областа.
Вики Клинчарова, Од ФОКУС