Трговците со овошје и зеленчук да не го користат македонскиот пазар како резервен и она што како производство е предвидено за тука да не го извезуваат во земјите каде што има недостиг од некои производи. Во спротивно ќе предложиме целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи. Ова денеска го порача министерот за економија Крешник Бектеши при неговата денешна посета на компанијата „Горска“ каде што беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.
Бектеши, фалејќи ја одлуката на Владата за намалување на цените, денеска упати критика и рече дека е незадоволен од постапување на трговците со овошје и зеленчук.
Од податоците што стигнуваат до Министерството за економија, како што рече Бектеши, се забележува дека има најголемо зголемување на цените во делот на овошјето и зеленчукот.
„Во делот на трговците, и тие што го покриваат нашиот пазар, но и тие кои извезуваат, имам порака да не го имаат македонскиот пазар како резерва во делот на снабдување со овошје и зеленчук“,им порача Бектеши.Според него, од јули, па до денеска се забележува дека има начелно многу голем извоз за одредени земјоделски производи, а тоа, како што рече, треба да биде во корелација со зголемено производство.„Во одредени држави има недостиг на овие производи и трговците наместо да го покриваат македонскиот пазар количините што се произведуваат за тука ги извезуваат“,
рече Бектеши.