Самиот пат на работа е награда, не мора секогаш да биде некое конкретно признание титулата за вашиот успех, ќе рече за „Слободен печат“ модниот дизајнер проф. Никола Ефтимов во нашиот разговор по повод неговата престижна Награда за најдобар дизајн на натпревар во Комо, Италија.
– Кога ја добив можноста да партиципирам на натпреварот, размислував како би се претставил најдобро самиот себеси, но и нашата држава, затоа што натпреварот овозможува и дизајнерско рангирање на земјите од каде што доаѓаат дизајнерите по бројот на награди. Во тој момент работев на колекцијата „Глаголица“ и сфатив дека тоа е вистинскиот избор на автентична приказна за да се претставам. Низ годините научив дека на натпреварите вистинската формула секогаш е избалансиран однос на мода како нешто актуелно поврзано со традицијата на еден народ, тоа секогаш успева. Се работи за натпревар не само за мода, туку конкурентите беа од повеќе области со кои се поврзува дизајнот – вели Ефтимов.
Модните парчиња со буквите од глаголицата привлекле огромно внимание дури и кај несловенските народи.
– Ме радува тоа што за разлика од вообичаеното прво ќе те забележат надвор, па потоа дома, овојпат „Глаголицата“ го направи спротивното. Најмногу интерес разбуди на Балканот. Сметав дека спортската облека најдобро ќе комуницира со моќните букви на глаголицата, а како што минува времето, ме инспирира и за други парчиња, за кои не би сакал да откривам сега – вели тој.
Со Ефтимов зорувавме и за студирањето мода, за што тој поентира дека идните генерации мораат на време да разберат дека модата не е играчка.
– Многу од студентите одбираат да учат мода бидејќи тоа ги асоцира на гламур, престиж, насловни страници, но треба на време да сфатат дека тоа не е воопшто едноставна работа, дека е комплексна и одговорна професија од која утре може да зависи нечиј живот, зборувам за профитот, за платите на вработените. Треба да бидат свесни дека покрај тоа што со оваа професија ќе усреќат некого визуелно, дополнително ја имаат и моќта да му помогнат некому преку таа облека да комуницира. Приказната околу модата е слоевита – рече нашиот гостин.
Со Ефтимов ексклузивно проговоривме и за тоа дека, Искра Гешовска, првата Македонка која го доби „Гете медалот за 2024“ на свеченото доделувањето на наградата во Германија, ќе носи негова креација на која дизајнерот работи во овој момент.
Целиот разговор погледнете го во продолжение на видеото: