Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини… се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал.
Се надеваме дека на ваков начин ќе ја поттикнеме јавната свест, но и надлежните институции да се издвојуваат повеќе средства за оваа намена, да најдат начин да ги промовираат нивните идеи онаму каде што треба, за подобро утре за сите нас. Воедно, ова нека биде и отворен повик до сите што сакаат да ги споделат своите успеси и иновации со нас, но и со целата јавност, да се пријават на официјалната имејл-адреса.
Во оваа епизода на серијалот ви ја претставуваме Мила Стојановска – страсен јога ентузијаст, која преку практикување на јогата пронашла начин да постигне физички и духовен баланс. Со посветена пракса и изучување на древните техники, таа ги интегрира принципите на јогата во својот живот, создавајќи хармонија меѓу телото и умот.
– Процесот почна многу едноставно, имав потреба од некаква активност што ќе ме врати во колосек. Имав многу голем стрес и анксиозност што не можев на ниту еден друг начин да ги канализирам – вели Мила за „Слободен печат“.
Таа додава дека нејзината главна цел е споделување на своето искуство со цел да направи општествена промена. Мила е пример за тоа како редовната практика на јога може да го трансформира животот и да донесе длабок внатрешен мир.
– Секоја јога-поза си носи свој предизвик, како умствен, така и физички, бидејќи на тој начин, преку начинот на дишење, преку свесното оставање себеси на времето и на просторот, доаѓаш до едно соочување што ти прави да се чувствуваш подобро – вели Стојановска.
Погледнете го целото интервју во продолжение: