Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини … се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал.
Се надеваме дека на ваков начин ќе ја поттикнеме јавната свест, но и надлежните институции да се издвојуваат повеќе средства за оваа намена, да најдат начин да ги промовираат нивните идеи онаму каде што треба, за подобро утре за сите нас. Воедно, ова нека биде и отворен повик до сите што сакаат да ги споделат своите успеси и иновации со нас, но и со целата јавност, да се пријават на официјалната имејл-адреса. Христина Ѓорѓиевска е дизајнер и илустратор. За „Слободен печат“ вели дека брендот „КОИ“ го стартувала пред четири години.
– Почнав официјално од 2020 година. Си направив профил на Инстаграм, со бренд „КОИ“. Оваа идеја долго време ми се вртеше во глава, време е, си реков да стиснеме заби, да стане нешто реално“. „КОИ“ се занимава со илустрација, печатени илустрации, дигитални илустрации, од сè по малку, што ги вклучува другите креативни изразувања – вели Ѓорѓиевска.
Во трета година од студирањето се запознала подлабоко со дизајнот, како креативен медиум.

– Решив дека многу сакам да се изразувам дигитално и многу се двоумев на почетокот, се прашував што ќе биде понатаму. Мислев дека светот ќе се сруши ако нешто погрешам. Но не било така. Четири години правам континуирано грешки, но тие грешки се трудам да не се повторуваат. Така учам – вели Ѓорѓиевска.
Таа објаснува дека креативниот импулс ѝ е многу силен и тогаш креира.

– Моите илустрации се отелотворување на моето постоење, на мојата психа, на емоциите што ги чувствувам во моментот. Инспирација доаѓа од многу неконвенционални извори. Не е секогаш отворање Пинтерест и гледање слики. Навистина може многу невообичаени работи да те инспирираат, така што, мислам дека е многу важно што повеќе да се истражува … и, не се плашете да ги извалкате рацете, ова е навистина валкана работа – вели Ѓорѓиевска.
Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение: