Ако навремено пред 30 години се преземело стручно одржување, со кастрење, со заштити, немало да се доведат во ваква состојба. Но, една работа мора да научите, сѐ што ќе се роди, мора и да умре. Ова дрво има век, вели професорот на Шумарски факултет, Јане Ацевски. Загрижени граѓани, советници и активисти од „Зелен хуман град“ и други невладини организации, но и стручни лица, денеска направија обиколка во Градскиот парк, по информацијата дека е издадено решение за сечење 113 дрвја и трипати повеќе за кастрење. Во текот на обиколката внимателно беше разгледувано секое од обележените дрвја, а професорот од Шумарскиот факултет Јане Ацевски и претставници од ЈП „Паркови и зеленило“ образложуваа во каква состојба е секое од нив и одговараа на многубројните прашања на граѓаните. Професорот им покажуваше на присутните какви се шупливи дрвјата однатре, укажувајќи дека станува збор за дрвја тешки и по неколку тона што би можеле да бидат сериозно опасни доколку паднат. Во однос на оние што треба да се кастрат, тој посочи дека целта на механичкото отстранување на гранките е да се намали оптоварувањето, затоа што горе има големи гранки, а стеблото е гнило внатре и може да се скрши.
Кои се причините што е дојдено до оваа состојба? Ако навремено пред 30 години се преземело стручно одржување, со кастрење, со заштити, немало да се доведат во ваква состојба. Но, една работа мора да научите, сѐ што ќе се роди, мора и да умре. Ова дрво има век. Целта на подигањето паркови не е да се насадат видови што ќе траат по илјада години, туку видови што ќе бидат во функција на човекот, пред сѐ на урбаната средина. Паркот како средина сфатете го како урбана шума, не природна шума. Урбана шума приспособена на потребите на човекот. Овој парк е така подигнат, за потребите на човекот, да дојде, да се рекреира – рече професорот Ацевски.

Притоа, дел од дрвјата за кои во текот на обиколката се утврди дека сѐ уште имаат зелена крошна и дека со кастрење во висина можат да се зачуваат уште неколку години, со спреј беа обележувани да не се сечат во наредниов период, туку само да се кастрат. Од ЈП „Паркови и зеленило“ потсетија дека сите оние што имале забелешка за решението од Град Скопје, можеле да вложат жалба во рок од 15 дена. Доколку во рок од 15 дена се вложи жалба на решението, по сила на закон се запира неговото извршување и жалбата стига во Министерството за животна средина и тоа треба да дејствува. По правило се формира комисија, ги гледа тие дрвја и одлучува по жалбата. Министерството може да го потврди или да го поништи решението – им беше посочено на присутните граѓани. За Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје од „Зелен хуман град“, идејата на обиколката во Градскиот парк е граѓаните да слушнат од стручни лица дали навистина е потребна ваква масовна сеча на дрвјата.
Секторот за комунални дејности на Град Скопје уште на 19 март донел решение со кое се одобрува сечење на овие дрвја во паркот, со обврска на нивно место да се изврши компензациско садење на дрвјата постари од шест години на иста парцела каде што е извршено сечењето. Како што се наведува во решението, состојбата на дрвјата ја утврдиле стручни лица од Град Скопје и од јавното претпријатие, кои констатирале дека дрвјата се целосно суви, шупливи, заболени и нападнати од габи, опасни да паднат и да причинат материјална и човечка штета на јавен простор. Досега, не е исечено ниту едно од нив.
Во денешната обиколка низ Градски парк беше и екипа на „Слободен печат“, новинарката Јована Трајковска и фотографот Драган Митрески.