Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со универзитетскиот професор д-р Ванчо Узунов.
Менување директори, земање кредит под сомнителни услови како потреба на владата да ги добие локалните избори, како и линеарното покачување на пензиите, се трите работи што новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги направи без грешка, но не за да ги задоволи потребите на граѓаните, туку за да се задржи што подолго на власт, смета универзитетскиот професор Ванчо Узунов. Експертот по економија од Правниот факултет во Скопје, во интервју за „Фокус“ вели дека оваа влада нема да спроведе вистински структурни реформи, бидејќи е фокусирана на мерки што само ќе ѝ го продолжат владеењето.
ФОКУС: Како ги оценувате првите 100 дена на владата во делот на економијата?
УЗУНОВ: Ајде да погледнеме објективно што се случи во првите 100 или 120 дена. Она што владата го направи овие 120 дена и го правеше упорно, доследно дури и не направи грешка, се три политики: прво, направи кадровски промени во сите државни институции. Менуваше сѐ што беше претходно, донесени се нови луѓе.
Второ, ја задолжи државата за уште 500 милиони евра, долг кој објективно е прашање колку ѝ треба на Македонија. Тој е повеќе потреба на владата во контекст на локалните избори в година.
И третото што го направи успешно, беше линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари.
Ништо од тоа нема ефект, нема структурни и големи реформи, само овие три работи, и тоа ни кажува една работа: првенствен интерес на оваа влада е да се задржи на власт што подолго. Не се потребите на граѓаните, не се интересите на државата за економски развој, туку за тоа владата да остане што подолго на власт.
Тоа е логиката на сите овие три единствени мерки што се спроведени. За жал, ниту една од нив не е развојна. Ниедна земја во светот не се развива затоа што се задолжила владата или затоа што пензионерите добиле пензии. Во тоа нема развој. Владата нема намера да работи за државата, туку да направи сѐ, за што подолго да се задржи на власт.
ФОКУС: Дали ребалансот ја спаси државата, како што велеше власта, или беше задоволување на коалициските договарања, како што тврди опозицијата?
УЗУНОВ: Ребалансот беше јасно дека ќе се случи бидејќи претходната влада не знаела дали таа ќе биде или некој друг, а и во неизборни години сме имале ребаланс. Ребалансот ништо не направи за спас, едноставно предвиде како ќе се одвиваат трошењата до крајот на годината.
Да се потсетиме, ребаланс мораше да има затоа што владата првото што го направи, го зголеми бројот на институциите што претходно не беа предвидени.
Тие, за да почнат да работат, мора да добијат пари, а тоа мораше да се направи со ребаланс. Нема никаква врска со променување нешто, туку едноставно прилагодување на буџетот на новините што ги донесе новата власт.
ФОКУС: Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска само што дојде на функција, информира дека буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари, од страна на претходната влада. Очекувала ОЈО да реагира по ваквите тврдења. Треба ли политичарите вака да се расфрлаат со изјави?
УЗУНОВ: Тоа е избор на секој политичар, некои други не би го направиле тоа. Е сега во контекстот на целото работење на сите во владата е напаѓање на претходната власт по сите основи.
Докажано, не докажано за сѐ се криви претходните. Тоа е едно однесување на една влада што сака да владее како оваа наша влада сега, за сите нејзини неуспеси да ги обвинува претходниците. Тоа може кратко да трае, нека бидат убедени дека кај нас тоа не може да трае долго, максимум до Нова година.
Потоа и оние најтврдокорните поддржувачи на оваа влада ќе почнат да бараат резултати од оваа влада. Тоа е краткорочно од почеток на владите што се слаби, да бидеме искрени, добро подготвена влада, подготвени министри нема да се вадат на тоа.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.