„Најголемата судница во државата“ прв пат беше промовирана во 2020 година. Откако во меѓувреме не се одржа ниту едно судење, беше промоворина по втор пат во 2022 година. Откако во меѓувреме повторно не се одржа ниту едно судење, министерот за правда Кренар Лога сега вели – таа инвестиција веќе не е потребна. Судницата која пред сѐ ја плати ЕУ, а учествуваа и САД, е изградена поради неколку причини. Да не се прави гужва низ центарот на Скопје кога се судат случаи за кои е потребно полициско обезбедување, да се намалат трошоците за спроводи, но и да се намали бројот на одложени судења кога во КПД „Идризово“ немаат возила за да донесат затвореници-повратници на суд. Од ЕУ повторуваат – судницата е потребна и треба да се користи.
Министерот за правда Кренар Лога беше гостин во претходното издание на „360 степени“. Кога во дел од разговорот беше соочен со прашања за условите во затворот „Идризово“, без да биде директно прашан, тој го сврте фокусот кон судницата непосредно до затворот, изградена со пари од ЕУ и САД, а досега употребена за нула судења.