Младите родители ја добиваат здравствената едукација на погрешно место, социјалните медиуми си го направија своето, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за имунизација, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица, а Македонија се соочува со ниска стапка на опфат на вакцинација. Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.
„Разговараме за болести кои нашите баби и дедовци ги имале и кои ние не ги гледаме долги години и децении. Болестите не ги гледаме благодарение на вакцинацијата. И тоа треба да го знаат луѓето. Вие денес имате мајка што е родена 2000, има 24 години и таа откако знае за себе е изложена на социјалните медиуми, тие се поприсутни и подоминантни. Родителите имаат право да постават прашање, да бидат загрижени, тоа е одговорноста на родителот. Но, треба да знаат дека за здравје, поготово за вака деликатни теми не се едуцирате од Фејсбук, од Инстаграм, од ТикТок. Излегува дека нашите родители, нашите баби и дедовци на некој начин биле попаметни, па за сѐ нешто доктор прашувале. Кога имате здравствена мака, доктор прашувате“, вели проф. д-р Грозданова.
Професорката вели дека и самата како родител, сочувствува со родителите и ја разбира нивната загриженост, и смета дека треба да се разговара со родителите и во градинките и во училиштата, и да ги слушнат нивните прашања и грижи.
„Треба многу да се работа на здравствената едукација“, додава таа.
Подкастот со д-р Александра Грозданова можете да го видите тука: