Сѐ е подготвено за раскошната венчавка во Белата куќа. Наоми Бајден, најстарата внука на Џо Бајден, викендов се мажи за нејзиниот вереник Питер Нил на јужниот тревник на резиденцијата на американскиот претседател.
Првата дама Џил Бајден рече дека е возбудена што ја гледа нејзината внука како „ја планира својата свадба, ги носи своите одлуки, си доаѓа при себе и е толку убава“. „Затоа едвај чекам сите да ја видите како невеста“, додала гордата баба и првата дама на САД при неодамнешното гостување во ток-шоуто на пејачката Кели Кларксон.
Тоа е прва венчавка на внука на американски претседател на таа локација и 19-та венчавка одржана во историјата на таа институција. „Претседателот и првата дама ќе бидат домаќини на свадбата на нивната внука Наоми Бајден и нејзиниот вереник Питер Нил во Белата куќа на 19 ноември 2022 година“, претходно потврди за магазинот „Пипл“ Елизабет Александар, директорка за комуникации на Џил Бајден.
Волстрит журнал известува дека церемонијата ќе се одржи со почеток во 11 часот, со свечен прием. Мајкл Лароса, поранешен медиумски специјалист за Џо Бајден, изјавил за Асошиетед прес дека семејството „ќе плати за свадбата и свадбените настани во Белата куќа, како што е вообичаено“.
Наоми ја објави свршувачката со Нил минатиот септември на Инстаграм, а подоцна сподели дополнителни детали од церемонијата на Твитер. „Конечно сфативме каде ќе се одржи венчавката. Ќе се венчаме на јужниот тревник на Белата куќа“, открила таа тогаш. Белата куќа за медиумите во април изјави дека Нил ја запросил Наоми во неговиот роден град Џексон Хол, со свршеничкиот прстен на неговата баба. Откако кажала „да“, се појавиле сите членови на семејството за да ја изненадат.
Бајден и Нил, наводно, се сретнале во Њујорк, откако заеднички пријател ги поставил пред четири години. Наоми, ќерката на Хантер Бајден, по професија е адвокат, а Питер неодамна дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Пенсилванија. Двојката живее во Вашингтон.
Поминале девет години од последната венчавка во Белата куќа, која се одржала во октомври 2013 година, кога поранешниот фотограф од Белата куќа Пит Соуза се ожени со Пети Лиз во градината на розите за време на администрацијата на Обама. Обама ја запознал Лиз затоа што присуствувала на некои настани во Белата куќа.
Во историјата, само еден претседател некогаш се оженил во Белата куќа, а тоа била свадбата на претседателот Гровер Кливленд со Френсис Фолс, која што се одржала на 2 јуни 1886 година во Сината соба. Но, Белата куќа служела како место за десетици свадби. Во јуни 1971 година, околу 400 гости гледале како Никсон ја води Трисија по скалите на Јужниот Портико до Едвард Кокс што чекал, а парот разменил завети во белведер поставен во градината на розите, првата свадбена церемонија некогаш одржана таму.
Во поновата историја, тоа биле свадбите на братот на Хилари Клинтон, Тони Родам и Никол Боксер во мај 1999 година, и Џена Буш Хагер, која одржа прием во Белата куќа набргу по нејзината венчавка во Тексас во 2008 година.