Српските власти ќе сослушаат голем број луѓе за да се утврди одговорност за несреќата од вчера. Најмалку 20 луѓе се повикани на сослушување во српското обвинителство по несреќата во Нови Сад која се случи вчера и во која загинаа 14 луѓе, откако се урна натстрешница на Железничка станица.
Треба да се утврдат „сите суштински елементи на кривични дела и кривична одговорност“ за несреќата. Ќе бидат сослушани претставници од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, надлежниот министер Горан Весиќ, претставници од Железници Србија и Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Нови Сад, како и други лица. Универзитетскиот клинички центар во Војводина (УКЦВ) на 2 ноември потврди дека нема нови жртви, а тројца од повредените сè уште се во тешка состојба. Зградата на главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција. Единствениот дел кој не бил реновиран е натстрешницата.
Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека се идентификувани 13 лица кои загинаа во вчерашната несреќа на железничката станица во Нови Сад и дека уште едно лице не е идентификувано, јави дописникот на МИА од Белград.
„Обвинителството и полицијата идентификуваа 13 лица. Загинати се и две внуки, родени 2014 и 2018 година и дедо од Ковил… Имате фудбалски клуб кој денеска објави дека загинато е момче и девојка, фудбалер роден 2003 година и неговата девојка 2004 година, исто така дете родено во 2007 година и во 2008 година“, изјави Дачиќ за ТВ Прва. Дачиќ рече дека корозија на држачите на натстрешницата е можна причина за несреќата.