Прашањето на кое никој не дава одговор е дали на приватно земјиште секој може да поставува што сака без притоа да добие дозвола од некоја институција. Односно, дали законските прописи навистина ги ограничуваат Општина Карпош и Град Скопје да толерираат сѐ доколку тоа се случува на приватен имот?
По три години, повторно на неурбанизираниот простор пред СЦ „Борис Трајковски“ е распослан забавен парк со десетина реквизити. И повторно, како и тогаш, така и сега сите креваат рамења и никој не знае да одговори ниту кој дал дозвола тука да се подигне Луна парк, ниту колку време ќе биде таму. Што е најважно, никој не може да гарантира за безбедноста на посетителите на паркот, каде дел од реквизитите се адреналински.Одговорот што го добивме и од Општина Карпош и од Град Скопје, кои треба да дадат дозвола за поставување реквизити, е дека во случајов тие се ненадлежни, затоа што Луна паркот е поставен на приватно земјиште.
Забавниот парк е лоциран на приватно земјиште. А во врска со прашањето дали имаат дозвола за поставување ве молиме да се обратите до Град Скопје кое е надлежно за издавање таков тип дозволи – кусо одговорија од Општина Карпош.
Од Град Скопје исто така велат дека не се надлежни затоа што станува збор за приватно земјиште, а тие имаат надлежност само доколку се узурпира јавен простор без дозвола. Сепак, оттаму тврдат дека двајца нивни инспектори веќе ја посетиле локацијата за да утврдат за што се работи и дека разговарале со „субјектот“ кој го поставил Луна паркот. Наводно, како што рекоа, од таму им посочиле на инпекторите дека барале дозвола од Општина Карпош, но не ја добиле. Во меѓувреме, како што тврдат, Град Скопје веќе испратил претставка до Државниот пазарен инспекторат за понатамошно постапување.
Од ДПИ не добивме одговор дали до нив е стигната претставка од Градот и дали нивни инспектори веќе излегле на терен и како ќе постапат.Колку за потсетување, Државниот пазарен инспекторат пред една година го затвори патувачкиот Луна парк, кој беше поставен на раскрсницата на булевар Борис Трајковски и булевар Србија во Кисела Вода. Тогаш, како што беше соопштено Луна паркот имал уредно издадена дозвола, но беше забранета работата на забавните паркови во време на пандемија, поради што паркот бил затворен.Дали сега Инспекторатот повторно слично ќе постапи, особено затоа што Луна паркот кај СЦ „Борис Трајковски“ нема дозвола за поставување, останува да се види.
Од јавните податоци на Агенцијата за катастар на недвижности може да се види дека земјиштето на кое се поставени реквизитите е во сопственост на Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Инвестмент интернационал“ ДООЕЛ експорт импорт од Скопје. Во Централен регистар стои дека фирмата е регистрирана во 2005 година, а нејзина основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради.
Прашањето на кое никој не дава одговор е – дали на приватно земјиште секој може да поставува што сака без притоа да добие дозвола од некоја институција?Односно, дали законските прописи навистина ги ограничуваат Општина Карпош и Град Скопје да толерираат сѐ доколку тоа се случува на приватен имот?
Како и да е, скопјани се радуваат што ќе можат да се забавуваат на реквизитите пред СЦ „Борис Трајковски“ независно кој ги поставил и дали имал дозвола тоа да го направи, затоа што освен привремените забавни паркови, Скопје веќе шеста година е без Луна паркот, за кој се менуваа планови и проекти и уште е – до никаде. Последните најави од градоначалничката Данела Арсовска се дека Луна паркот ќе се отвори годинава, некаде на есен.