Претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека Русија нема право да го користи случајот со Косово како аргумент за оправдување на анексијата на украински територии, јави весникот Коха диторе. Во интервју со инфлуенсерот Марио Науфал, кој е популарен на социјалната мрежа Икс, Османи потенцираше дека независноста на Косово произлегува од правото на народот на самоопределување, како резултат на репресивниот и криминален режим на Слободан Милошевиќ, додека ситуацијата во Украина е, како што рече, „чиста воена агресија од Русија“.
-Единствената сличност меѓу двата случаи е што злосторствата што Милошевиќ ги изврши врз нас се истите какви што Путин ги прави врз невини луѓе во Украина. Да, исти се – Путин и Милошевиќ. Но нема никаква сличност меѓу Косово и анектираните територии од Русија, изјави Османи. Таа додаде дека граѓаните на Косово имале легитимно право да ја определат својата иднина, додека жителите на региони како Донбас биле вклучени во насилен и манипулиран процес под водство на Москва.
– Русија нема никакво оправдување да зборува за преседан што наводно го создало Косово. Ситуациите се целосно различни, нагласи Османи.