Со концертниот настап на Мухамед Ибрахими мултиинструменталист на жичани инструменти кој својата гитара ја третира на неконвенционален начин, вечерва, на платото пред Офицерскиот дом во Битола, започна 18 тото издание на традиционалниот фестивал „Локум фест“ . Овој фестивал поради неговата автентичност и континуитет препознатлив е и како член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската “Most music”.
-Фестивалот својот зародиш го има во Старата битолска чаршија, од каде и ја црпи инспирацијата, на локумот и кафето како синоним за средба на културите, негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, ладино, етно фјужн и world music. Карактеристично за “Локум фест” е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, едновремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals, промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија. Годинава фестивалот го одбележува своето “полнолетство” , а програмата е умесно конципирана со музички настани кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа-вели идејниот творец на “Локум фест” Тоше Ивановски.
На фестивалот ќе настапат и Dumai Dunai бенд што ги комбинира длабоките тонови на даб со енергијата на панк рокот, сировата екстаза на разнесените балканските дувачки оркестри и радостите и тагите на украинската селска полифонија. Утревечер, публиката ќе има можност да го проследи настапот на Дамир Имамовиќ познатиот босански музичар кој се етаблира како водечки глас во современиот севдах. По него ќе настапи Зарина првасевда вокален изведувач на македонска и светска традиционална музика.
Задутре, на 19 јули, на “Локум фест” ќе настапи триото Синафи составено од три грчки музичари кои се запознале во Истанбул, Турција. Триото ја вклучува Фотини Кокала на канун; Марина Лионту на уд; и Елена Мудири Хасиотоу на вокал и перкусии. Триото пее приказни за егзил, разделба, љубов и радост на турски, грчки, азербејџански, ерменски, курдски и сириски јазици. Изненадување на годинашното издание на “Локум фест” се Фолкатомик /Folkatomikе италијански фолктроник квартет кој комбинира електронски авангардни звуци со елементи на традиционалната музика од јужна Италија и Медитеранот.
Во изминатите седумнаесет години на “Локум фест” настапиле преку 100 музички ансамбли од преку 25 земји од регионот и светот. На сцените во Старата битолска чаршија, Офицерскиот дом , Заводот и музеј , Хераклеја, Широк сокак, настапувале: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн. Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, Општина Битола и од Амбасадата на Италија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и Генералниот конзулат на Република Грција во Битола.
Текст и фото: Васка М. Младеновска