Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски попладнето одржа итен состанок со директорките на градинките во општинaта. Причината за итноста на состанокот е алармантната состојба со недостатокот на негувателки, воспитувачки и технички персонал во градинките. Директорките се жалат кај градоначалникот дека бројот на персонал ангажиран за згрижување на најмладите жителите на Карпош е под секој минимум. Последица од тоа е пад на квалитетот на згрижување на децата, особено кај најмалите групи (јасли) и немање можност за упис на бебиња затоа што една негувателка треба да се грижи за 25 до 40 доенчиња, што е невозможно. Дополнително ја отежнуваат ситуацијата вработени кои заради инвалидитет работат само 4 часа, а има и такви што се со тешки болести и не доаѓаат со месеци на работа поради природата на болеста. Зачудува фактот зошто министерството за труд не дозволува да заминат во инвалидска пензија и на нивно место се ангажираат други лица.
Од неразјаснети причини скоро три години не се издаваат лиценци за негувателки. За да лице биде ангажирано во градинка мора да има соодветна лиценца. Не е јасно како министерството за труд носи закони кои само не може да ги спроведе и истото претставува тесно грло. Нејасно е како може кога негувателка, воспитувачка или технички персонал заминува во пензија истиот момент да не се даде одобрување за нивна замена, туку владата и надлежните министерства едноставно неодговараат на барањата на градинките. Овој неодговорен однос не се однесува само на актуелниот министер и на владата. Туку и на министрите и владите претходно и навистина е нејасно како може во општина која има зголемен број на деца во услови на празнење на државата да не се даваат одобренија за вработување за згрижување, воспитување и образување на идните поколенија.